Патријархот Московски и на цела Русија Кирил денеска по литургијата во црквата Христос Спасител во Москва изјави дека се моли за мир во, како што рече, „руската земја“.
Патријархот Кирил изјави дека кога вели „руска земја“, користи, како што наведе, „древен израз“, додавајќи дека тоа се однесува и на Русија и Украина и Белорусија, како и на други народи. Тој ги повика сите верници на Руската православна црква да се молат за враќање на мирот во сите тие земји и на тој начин да не дозволат да се повлече „границата извалкана со братска крв“ меѓу Украинците и Русите.
„Не смееме да дозволиме мрачните и непријателски надворешни сили да ни се смеат. Мора да се направи се за да се зачува мирот меѓу нашите народи и во исто време да се заштити нашата заедничка историска татковина од сите оние дејствија надвор, кои можат да го уништат ова единство“, рече патријархот Кирил.