„Народна Република Албанија“. Овие патоказни табли со старото име на Албанија кои водат кон границата Свети Наум, сѐ уште стојат низ Охрид. Освен што се стари со децении, на нив не е испишан ниту албанскиот јазик.

-Во Охрид ниту една патоказна табла не е испишана на албански јазик. И на патот кој води кон Свети Наум ниту на една табла не фигурира албански јазик. Четири табли како оваа зад мене се испишани во оваа форма, но иако албанскиот не фигурира, сепак сѐ уште пишува Народна Република Албанија. Четирите вакви табли кои упатуваат до границата со Албанија сѐ уште не се отстранети-јавува репортерката на ТВ21.

Беким Мехмеди од ЈП „Македонија пат“, вели дека испратиле барање за промена на овие табли и дека чекаат одговор од надлежните институции.

-Запознаен сум во врска со овие табли. Доставив барање до Агенцијата за патишта да ми дозволат да ги отстраниме старите и да поставиме нови табли. Очекувам барањето да ми биде одобрено, за да можеме да постапиме-вели Мехмеди.

На влезот на Охрид ниту на една табла не фигурира албански јазик. Иако согласно статистичките податоци од 2002 година, градот брои само 7.02% Албанци, сепак е доста посетуван од Албанци, особено во текот на летната сезона.

Од друга стана пак, патот кој води кон Свети Наум, место кое привлекува голем број посетители, е во незавидна состојба – со дупки и тесен.

ТВ21 дознава дека ЈП „Македонија пат“ имало план за санирање на патот, но УНЕСКО не дало дозвола за негово проширување, па затоа патот сега за сега ќе остане каков што е.