Роковите поминуваат, а ниту една од десетте мерки за кои мора да поминат законски измени во Парламентот, не се изгласани. Најголем проблем за кој неколку пати апелираат синдикатите и коморите е законот за државна помош за исплата на февруарските и мартовските плати. Може да случи многу вработени да останат без пари, но и без работа. Активистите за социјална правда велат дека пратениците не треба да забораваат дека платата која ја земаат е од народот и за да ја спечалат треба да работат за граѓаните.
– Advertisement –
„Во ситуација кога на влакно се држат доста фирми да не пропаднат да оние мерки можат да ги извлечат од непропаѓање не се спроведуваат бидејќи во Собранието сакаат да се докажуваат кој е поголем, а тоа е крајно неодговорно и тоа неодговорно однесување ќе има ефекти на дополнително влошување на економската состојба“, рече Здравко Савевски, Институт за општествени науки.
Додека стопанството чека мерки, политичките партии продолжуваат со обвинувања кон другиот.
„ВМРО-ДПМНЕ никогаш не било против помош на стопанството, но во моментов единствено таков закон не им одговара да се донесе на СДСМ затоа што немаат пари во буџетот. Доколку сакаа истиот закон ќе го можеа да го изгласаат истиот ден кога ја гласаа т.н. доверба на Зоран Заев“, рече Димче Арсовски- портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ возвратија дека ВМРО е виновна за закочените економски закони, додека Алијанса за Албанците останува на ставот дека без законот за државјанство нема да престанат со поднесување на амандмани за сите предлог-закони. Покрај законот за финансиска поддршка за плати, закочена е и помошта за тутунарите, занаетчиите, туристичко-угостителскиот сектор, транспортерите и за други сектори.
Андреа Чобанова