Партиите на Слави Трифонов и Бојко Борисов „Има таков народ“ и ГЕРБ-УДФ имаат целосно изедначен рејтинг, покажува последното истражување на јавното мнение, нарачано од Бугарското национално радио, а изработено од Галуп Интернешнл Балкан, пред парламентарните избори во Бугарија, закажани за 11 јули.
Анкетата беше спроведена меѓу 3 и 11 јуни и во неа се наоѓаат и ставоите на граѓаните за санкциите на САД, согласно законот „Магнитски“, како и одбивањето на Слави Трифонов да не се кандидира за пратеник за новото бугарско Национално собрание.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Галуп забележува дека партиите кои минатата година учествуваа во протестите против владеењето на бугарскиот премиер Бојко Борисов ќе имаат мнозинство во 46-тото национално собрание.
Истражувањето покажува дека партијата на поранешниот министер за правда Христо Иванов, прозападната „Демократска Бугарија“, се искачува кон врвот, зголемувајќи го својот рејтинг во последните месеци. Агенцијата забележува дека засега е нејасно дали коалицијата „Бугарски патриоти“ ќе влезе во новиот парламент.
Партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“ на изборите може да очекува поддршка од 21,2 отсто од избирачите, ГЕРБ-УДФ на Бојко Борисов од 21 отсто, трета политичка сила останува БСП со 15,9 отсто, „Демократска Бугарија“ би имала 12,1 отсто, Движењето за права и слободи 11,9 отсто, „Стани! Мутри, надвор!” на поранешниот народен правобранител,Маја Манолова 5,8 отсто, а блиску, но надвор од идното 46-то Национално собрание остануваат „Бугарските патриоти ”со 3,5 отсто поддршка меѓу избрачите.