Националното собрание на бугарската политичка партија ГЕРБ ќе избере ново раководство на 11 мај, пренесува бугарското издание „24 часа“. Како што јави дописникот на МИА од Софија, на дневниот ред на состанокот се предвидува разрешување на заменик-претседателите на ГЕРБ и избор на нов Извршен комитет, но според информациите, не е предвиден избор на нов претседател.
Претходно денес, лидерот на ГЕРБ и бугарски премиер Бојко Борисов по посетата на Рилскиот манастир објави дека поднел барање со кое одбива да биде член на парламентот во новоизбраниот бугарски парламент.
На изборите што се одржаа во недела владејачката коалиција ГЕРБ-СДС предводена од премиерот на Бугарија Бојко Борисов доби 26,18 отсто од гласовите, а партијата на шоуменот и ТВ водител Слави Трифонов „Има таков народ“ 17,66 проценти од гласовите.
Изборите во Бугарија донесоа нејасна слика на тамошната политичка сцена која не ветува брзо формирање влада. Се очекува следната недела ГЕРБ да го добие мандатот за состав на влада, по што мандатот веројатно ќе и биде предадена на второпласираната партија, предводена од Трифонов.
Премиерот Заев денеска изјави дека очекува месецов да биде формирана нова влада во Софија и да продолжат разговорите за надминување на отворените прашања.