На само еден ден пред почетокот на грејната сезона ЕСМ уште нема лиценца за да ги снабдува скопјани со парно, гас e обезбедено за само 15 дена греење, ама од Владата уверуваат дека парно од утре ќе има, па граѓаните треба да бидат спокојни, пишува Радио Слободна Европа.
Енергетската криза годинава ги помеша лончињата, а скапиот гас и неизвесноста дали воошто ќе го има, стави во незавидна положба 60.000 домаќинства во Скопје кои се греат на централно парно. Голем дел од нив се вознемирени дали воопшто ќе имаат греење и какво, бидејќи многу прашања лебдат во воздух на самиот старт на сезоната.
Па така, ако до лани БЕГ го снабдуваше Скопје со парно, годинава му е одземена лиценцата бидејќи претходната сезона не успеаја да испорачаат греење. Така, сега оваа дејност ја презема државната ЕСМ, која за таа цел формираше три фирми за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија.
Ама и за да може формално да го снабдува Скопје со греење, ЕСМ прво треба да добие лиценца од Регулаторната комисија за енергетика (РЕК). На последниот ден пред почетокот на грејната сезона, од РКЕ смируваат дека во текот на денот ќе има седница за лиценците на ЕСМ за парно.
Ова е помалиот проблем во моментов. Поголемиот е, од каде ќе се обезбеди гас за да има парно, или поконкретно, по која цена. Поради руската воена инвазија врз Украина, Европа воведе санкции кон Русија кои меѓудругото се однесуваат и на снабдувањето со енергенси. Војната и санкциите ги вивнаа нагоре цените на гасот, а проблем се јави и во испораката. Така, Русија го секна гасот за повеќе држави,како на пример за соседна Бугарија поради санкциите и одбивањето на земјата да плаќа во руски рубљи, како што бара Русија. Македонските компании засега немаат проблем со ова, ама затоа пак гасот е многу скап.
Па така, според последните информации од ЕСМ, гас за парното имаат обезбедено за две недели од октомври. Тој доаѓа преку компанијата „Макпетрол“, по цена од 1.713 евра за 1000 нормални метри кубен гас.