Претседателката на Косово, Вјоса Османи го одреди 9 февруари 2025 година за датум на одржувањето на наредните редовни парламентарни избори во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во указот кој го објави на нејзината страница на Фејсбук, Османи ѝ наложува на Централната изборна комисија на Косово да ги преземе потребните дејствија за одржување на изборите, кои се први редовни избори за републичкото Собрание од прогласувањето на независноста на државата во 2008 година.
„Честитки!“, напиша Османи покрај фотографиите од потпишувањето на указот, самиот указ и Уставот на Косово.
Османи на крајот на минатиот месец започна консултации со политичките партии во земјата за постигнување договор за датумот на општите избори.
По состанокот на 31 јули, на кој не присуствуваа претставниците на владејачката партија, Движење самоопределување (ВВ), на чие чело е премиерот Албин Курти, ниту пак оние на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, Османи изјави дека партиите имаат различни преференции во однос на датумот за одржување на изборите, но дека нивните предлози се со мали разлики во рамките на законскиот рок, кој ги предвидува датумите 26 јануари, 2-ри, 9-ти и 16 февруари 2025 година.
Трите парламентарни опозициски партии на Албанците, Демократската партија на Косово, Демократскиот сојуз на Косово и Алијансата за иднината на Косово побараа 26 јануари да биде датум за наредните избори, додека од владејачката ВВ денеска објавија дека го предложиле 2 февруари, но дека се подготовени за избори на секој датум што ќе го одреди претседателката Османи. Кај помалите партнери од владината коалиција имаше предлози за 9-ти и 16 февруари, а некои рекоа дека ќе прифатат било кој од законските рокови.