Владимир Перев
1.
Обичниот македонски човек тешко ги поднесува изборните процеси. Стиснат меѓу сиромаштијата и неизвесноста за својата иднина, меѓу надежите и песимизмот, полека навлегува во процес на лична и колективна апатија, процес кој најдобро се гледа од бројките за учеството на изборите и од неважечките ливчиња. Ако во она што амбициозно го нарекувавме социјализам и тоа самоуправен, каде постоеше целосна извесност за крајот и реултатите од изборите, по нашата независност, влеговме во фаза на тотална неизвесност. Не само за резултатите, туку и за неизвесност за патот по кој ќе трганат партиите, без разлика дали се победнички или победени. Тој постизборен пат најчесто е во тотална спротивност со прокламираните позиции и постулати кои ни ги кажуваат партиските лидери. Затоа во предизборието толку често слушаме умни луѓе како говорат тешки глупости, како и не толку умни кои говорат разумни работи. Тоа никого не го изненадува, изјавите и на едните и на другите ги пишуваат партиските центри, согласно потребите на лидерот и партијата.
2.
Македонија е пред завршувањето на изборите на локалната власт. Како и на сите избори, така и на овие, нема коректност. Пред сѐ, наместо за локалните теми и барање решенија за секојдневниот живот на граѓаните, ние сме обземени со една насилно предизвикана криза со сметот во Скопје, со апсења и криминални афери низ градовите во државава, но најмногу со “планетарни“ теми кои треба да бидат поставени на парламентарни избори. Тука, девалвирањето на личностите и процесите е на високо ниво. Работата не е од сега. Уште на првите парламентарни избори, СДСМ и прикриените нејзини сателити се опитаа да ја девилвираат личноста на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Љубчо Георгиевски, како преку неговиот смеен и личен статус, така и преку неговата “бугарофилска“ политика, која до денешен ден остана рак рана на македонските политичари од сите бои. Митот за Љубчо остана, но неговото владење беше насилно урнато од паравоените единици на УЧК а со тоа, во голема мера, заврши и кариерата на првиот премиер на ВМРО. Остана ДПМНЕ на Груевски и Мицковски, наполно србизирана и подредена на српско-руските интереси на Балканот и сега во обид за девастирање на личноста на Али Ахмети, лидерот на УЧК кој го разби владеењето на Георгиевски. Притоа, не е поштеден ниту екслидерот на СДСМ Зоран Заев. Но, сега ситуацијата е малку поинаква.
3.
Веќе е кажано. Апсолутната победа која ја посакува Мицкоски сигурно означува и апсолутна власт, апсолутна неодговорност и веројатно, толку посакуваната апсолутна неказнизнивост за апсолутната корупција. Тоа е сон на секој автократ, а Путин е најдобриот пример за тоа во денешно време. Премиерот Христијан Мицкоски има проблем со бугарите и Уставот, има проблем со албанците од Дуи и Ахмети и мисли дека тоа се проблеми кои ќе му се одразат во идното владеење. Точно е тоа, но проблемот е во историските реминисценции на власта, народот и европските вредности, на кои ние толку малку полагаме. Точно е само тоа дека премиерот има проблем со историјата и неговото сопствено место во неа.
4.
Љубчо Георгиевски е историска личност. Тој е првиот човек кој од револуционерната организација на д-р Татарчев па се до Тодор Александров, за потоа како “терористичка“ ВМРО на Ванчо Михајлов, направи партија и победи на првите демократски избори и стана првиот вистински премиер на слободна и независна Македонија. Тој е првиот политичар во историјата кој со бугарскиот премиер Иван Костов обнародува Декларација за пријателство со Бугарија и ги отвори, не само физичките, туку и менталните граници меѓу единствениот народ од двете страни на Осогово. Тој е дел од современата македонска историја и каков таков ќе остане во неа.
Ако посткомунистите и југоносталгичарите олицетворени во ликот на Киро Глигоров, Стојан Андов, Бранко Црвенковски и другата ексјугословенска врхушка лесно се справија со Љубчо Георгиевски, Али Ахмети е коска во грлото на Мицкоски и ДПМНЕ. Во овој политички и историски момент Али Ахмети е единствениот политичар и лидер на партија во Европа, кој со пушка во рака и воена униформа дојде на власт, претворајќи ја својата “терористичка“ УЧК во партија и водејќи ја во партиски и парламентарни победи. Тоа се дваесет и пет години власт на човек кој слегол од гората, ја симнал униформата, ја оставил пушката, облекол костум и влегол во Парламент. Во моето сеќавање за политичари таков беше само Јосип Броз, оние другите како Де Гол, Бранд и некои други, не му беа ниту до колена. Воопшто не сакам да разговарам за партиските лидери, политичари и премиери од земјите на Источниот лагер. Тоа беа кокошкари дојдени на крилата на авионите или со тенковите на Сталин, без никаква борба. Не заслужуваат ниту да им се споменат имињата.
За бизнисменот од Струмица Зоран Заев не треба ниту да се разговара. Едно обично момче од провинција, кое слабо стои како со англискиот, уште повеќе со српскиот јазик, ја внесе Македонија во НАТО пактот, без никакви штети по националниот, културниот и јазичниот интегритет на државата и народот. Во Договорот склучен со Бугарија и лично со Бојко Борисов, тој доби најмногу од возможноста да се добие нешто. Во моментот кога Македонија влезе во НАТО, Заев влезе во историјата…толку. Овие тројца се личности кои можеш да ги мразиш, да ги презираш, најчесто да им завидуваш, ама не можеш да ги одминеш или понижуваш…тие се веќе историја.
5.
Изборите ќе дојдат и ќе одминат. ДПМНЕ ќе ја освои толку посакуваната апсолутна власт, а низ земјава ќе се разлее позајмената милијарда од унгарско-руско-кинескиот кредит. Сметот во Скопје ќе се исчисти за рекордно време, а нечистотијата на душите ќе остане уште долго време. Власта, апсолутната власт ќе се обиде да ја исчисти нечистотијата од валканите пари и бенефиции, за сето наше битисување да добие привид на коректност, објективност и политичка нужност за направените жртви. Некаде, како далечно ехо се слушаат повиците за предвремени парламентарни избори. Сега ќе се одвиваат во “чиста“ Македонија…
Нечистотијата останува на нашиот пат кон Европа, засмрдени се нашите човекови права, неисчистена е нашата демократска, европска иднина…























