Атанас Величков
Некако случајно, но сепак и природно овој напис излегува на 1 септември, денот кога првачињата за прв пат ќе зачекорат во светот на науката и како што се пее во бугарската сеучилишна химна ќе дознаат дека „науката е сонце, што грее во душите“. Тоа важи за сите ученици се разбира, со текот на времето некои од нив, ќе сфатат дека сонцето освен топлина, зрачи и светлина. Светлина, која во секое свое значење и буквално и преносно го победува мракот- и буквалниот и преносниот.
Токму тие посфатливите ученици, ќе бидат успешни математичари, информатичари, јазичари и нема да му дозволат на мракот да ги удира од една катастрофа во друга параноја и обратно. Тоа е неповратен процес. За жал многу од тие ученици, нема да гледаат смисла во тоа да учествуваат активно во политичкиот живот на земјата, бидејќи барем засега нема некакви оптимистички прогнози дека нешто ќе се смени на тоа поле. Во политиката ќе продолжат да просперираат brain-drain експерти, кои пак од своја страна се прекрасна понуда за оние, кои немале страшно големи успеси на школо, а освен тоа мислеле дека е многу „возвишено“, покрај „редењето“ кецови, да се однесуваат невоспитано со своите наставници и школски другарчиња.
Најчесто овие последните се прекрасно разорана нива за сеење параноја!
Во јуни годинава станавме сведоци на „праведниот гнев“ на корисници на социјални мрежи, кои се побунија против фонтот, користен од Кока-кола врз нејзините лименки оти бил бугарски. Колеги новинари објавуваа текстови за бојкот, оти Кока-кола покажала непознавање на македонскиот јазик и ги потценувала Македонците. Оние кои сѐ уште го купуваат освежувачкиот газиран пијалок во лименка, можат да посведочат, дали гигантот си земал белешка и го сменил бугарскиот фонт, преплашен од бојкотот на гордата македонска нација. Посебно оној дел, кој макар и да пишува на латиница токму на социјалните мрежи, е длабински запознат со тоа како изгледа исконскиот македонски фонт и на што личи бугарскиот.
Целата таа небулоза околу фонтовите, прекрасно, на еден тажно ироничен начин ја опиша еден твитерџија со псевдоним Бапчо.
Видов твит Кока Кола фурала Бугарски фонт на имиња кај нас. Па да сме им ги истуреле лименките пред фабрика
Абе овој народ дозна дека на пациенти у тешки агонии им ставале раствор за да умрат побрзо, па уво не го заболе, сеа ќе иделе пред пивара 🤣
Заслужуеме се шо ни се дешава
— Бапчо (@TheFitzzz) June 8, 2025
Деновиве јавноста реагираше и за „бугарскиот“ фонт, искористен во натписот на плочата на споменикот на големиот војвода Александар Турунџев откриен во Битола. Реакцијата на будните граѓани, што маката ги натерала да станат и експерти по фонтови, вроди со плод. Општина Битола соопшти официјално дека ќе изработи нова спомен-плоча со современ македонски фонт, целосно усогласен со правописните норми на македонскиот литературен јазик. Не можеме, a да не ја забележиме оваа мала победа врз „источниот сосед“, чиј фонт, нѐ следи на секој чекор, со единствената намера да ги потценува Македонците.
Во однос на промената на веќе поставената плоча, таа вежба веќе ни е позната и сме ја работеле во блиското минато, кога со земјата владееше Никола Груевски. Неколку женски невладини организации реагираа благовремено и споменикот на Прометеј во паркот „Жена борец“ си доби гаќи.
Бидејќи погоре во текстот спомнавме за исконскиот македонски фонт е време да се повикаме на историските извори. Еден таков извор е книгата на познатиот македонски научен работник Стојан Ристески „Стенографски белешки од Првата јазична комисија (2000). Во таа книга на страна 10 е објавена следната фотографија:

Како што станува јасно Првата јазична комисија именувана од АСНОМ, која можеме да ја наречеме творец на „исконскиот македонски фонт“ во ракописна варијанта, не се потрудила истиот да го направи поразличен од фонтот на „источниот сосед“. Можеби поради таа причина и дел од учесниците во таа комисија завршуваат неславно, но како што вели клишето револуцијата ги јаде своите деца, а иронијата на историјата нема рамна на себе.
Важно е да се напомене дека цитираниот автор Стојан Ристески никогаш не бил на „бугарската линија“ и до крајот на својот живот останал доследен на идеологијата на македонизмот.
Покрај сите секојдневни препреки со кои треба да се пресметаме на патот кон скандинавскиот стандард и европската иднина на земјата, но само ако добиеме гаранции дека Бугарите ќе бидат мирни и нема да нѐ блокираат, ни недостасуваше само паранојата со фонтовите.
Во своето соопштение до јавноста поврзано со „погрешно напишата табела“ од Општина Битола велат: „Имајќи ја предвид чувствителноста на прашањето и значењето на јазикот и писмото како дел од националниот идентитет, Општина Битола ќе изработи нова спомен – плоча со современ македонски фонт, целосно усогласен со правописните норми на македонскиот литературен јазик. Со овој чекор, целта е да се избегне секаква забуна и да се обезбеди јасна и прецизна јазична форма, како што прилега за јавните обележја што ја чуваат историската меморија.и сите други форми на јазичен израз“.
Созревањето на македонската нација е во полн тек… Креаторите на македонската азбука од Првата комисија најверојатно не биле свесни за „чувствителноста на прашањето и значењето на јазикот и писмото како дел од националниот идентитет“ инаку немало да си го дозволат користењето на „бугарски фонт“, во нивното идејно решение. За разлика од нив, администрацијата на Општина Битола, будните граѓани од социјалните мрежи, немаат никакви дилеми околу сериозноста на ова прашање.
Внимавајте како пишувате, каков кириличен фонт користите, бидејќи строгиот, но праведен суд на „јавноста“ може да ве обвини во ширење на бугарската идеја и во потценување на македонскиот народ.
Земете пример од најистакнатите „патриоти“, повторно од социјалните мрежи, тие за да немаат проблеми со фонтовите користат латиница.
Паранојата со фонтовите е од огромно значење за одбраната на македонскиот јазик. Тоа е она, што треба да го научат гласачите на следните избори, а и на изборите што ќе дојдат после нив. Оние што немаат време или пак едноставно не сакаат да бидат дел од таа бурлеска, ќе бараат спас некаде надвор, оти тука облекуваме гаќи на споменици, бојкотираме газирани пијалоци и менуваме плочи, за да покажеме колку сме достоинствени… Додека тонеме!