Планинската спасителна служба Охрид извести дека вчера, околу 18:30 часот, добила повик од група параглајдеристи кои летале од падините на Галичица.
Тие пријавиле дека нивниот пријател, државјанин на Германија, од засега непознати причини доживеал тежок пад од поголема височина, на исклучително непристапен и карпест терен.
„За голема среќа, тројца спасители на ПСС во тој момент престојуваа во планинарската куќа „Спиридон“, каде е лоцирана и спасителната станица на ПСС, опремена со специјализирана техничка опрема за интервенции во овој регион. Веднаш по дојавата, екипата за само 15 минути стигна до местото на несреќата, изврши имобилизација на повредениот и започна комплексен транспорт по стрмен и тежок терен. Дополнителна отежнувачка околност беа и ноќните услови во кои се одвиваше целата акција.
По повеќе од еден час напорна интервенција, во 20:20 часот, повредениот беше безбедно спуштен до асфалтниот пат кај превојот Баба, каде беше предаден на екипа на Итната медицинска помош од Охрид. Од таму, тој веднаш беше пренесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде, за жал, му беа констатирани фрактури на пет пршлени во долниот дел на рбетот“, велат од Планинската спасителна служба.
Текстот Параглајдинг несреќа на Галичица: државјанин на Германија доживеа тежок пад од поголема височина е превземен од МАКФАКС.