Папата Франциск денеска во пораката прочитана на мисата во базиликата Свети Петар повика на подобрена заштита на жените, идните мајки, постарите и изнемоштените лица.
„Ве охрабрувам да ја подобрите социјалната заштита на мајчинството и прифаќањето на човечкиот живот во сите негови фази“, рече папата Франциско, кој се лекува од пневмонија во римската болница Гемели, во пораката што во негово име ја пренесе државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин, пренесе АНСА.
Жените треба да знаат дека имаат поддршка во општеството.
„Нероденото дете го претставува, во целосна смисла, секој маж и жена што не се брои, што нема глас. Да се застане на нивна страна значи да се биде солидарен со сите оние кои биле отфрлени од светот. Сега, повеќе од кога било, продолжува да има потреба од луѓе кои се посветуваат на службата на човечкиот живот, особено кога тој е најкршлив и најранлив“, се вели во пораката на папата Франциск.
Во пораката се наведува дека „праведно општество не се гради со елиминирање на несаканите неродени деца, постарите луѓе кои веќе не се независни или смртно болните“.