На инаугуративната миса одржана денеска на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, новоизбраниот папа Лав XIV вети дека ќе се залага за единство во Римокатоличката црква, повикувајќи на помирување и слога во време на длабоки поделби.

„Сакам Црквата да биде симбол на мирот во светот. Единството не е само наш повик, туку и наш долг“, изјави Папата во својата прва проповед пред десетици илјади верници, како и бројни светски и црковни лидери кои присуствуваа на свечената церемонија.

Американските медиуми ја истакнуваат важноста на оваа порака, особено во контекст на се поголемата поларизација во рамките на Римокатоличката црква, особено во САД.

Во текот на свеченоста, на папата Лав XIV му беа врачени и трите главни симболи на неговата папска функција: палиумот, литургиската облека и рибарскиот прстен – познат како Пискаторски прстен.

Литургиската облека е изработена од јагнешка волна, што ја симболизира улогата на папата како пастир. Палиумот, кој се носи преку рамото и се прицврстува со три иглички што потсетуваат на шајките од Христовиот крст, го претставува товарот и мисијата на пастирската служба. Рибарскиот прстен, кој традиционално се уништува по смртта на папата, го симболизира односот на Светиот Отец со Свети Петар, првиот папа и рибар по занимање.

Папата Лав XIV стапува на функцијата во време на глобални предизвици и духовни расколи, со порака дека ќе ја води Црквата кон помирување и обновување на довербата кај верниците ширум светот.