Oва е заедничка Декларација на Унија на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ и Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце Делчев“, која содржи неколку точки, а која се однесува за политичките осуденици во Македонија, вели Александар Пандов, претседател на Патриотски Институт „Гоце Делчев“
-Тргнувајќи од одредбите на Уставот на Република Македонија за сувереноста на државата и суверенитетот кој произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните, потенцирајќи ги темелните вредности на уставниот поредок на Македонија како основните слободи и права на граѓаните, владеење на правото и еднаквоста на граѓаните, посочувајќи ја Уставната преамбула и историските одлуки со кои граѓаните на Република Македонија ја конституираа Република Македонија како држава во која се воспостави и зацврсти владеењето на правото и ќе се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ и Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце Делчев“ донесоа Декларација за правда и слобода за политичките осуденици во Македонија, вели Пандво, кој притоа наброја неколку точки.
Констатирајќи ги дека јавно познатите политички обвиненија и лажни сведочења за настаните од 27-ми април 2017-та година на кои се темелат драконски и неправедни судски пресуди изјавуваме дека борбата за правда и слобода за неправедно осудените ќе продолжи се до исправање на нанесените неправди.
- Физичкото насилство извршено од неорганизирани поединци го осудуваме, но не на „тероризам“, бидејќи таков објективно и фактички немаше – за разлика од судско обвинителскиот терор со злоупотреба на моќ и монтирани процеси, кој е очигледно за секој чесен и објективен граѓанин на Македонија.
- Осудените во овие политички процеси се жигосани без докази за делото за кое се осудени, со цел да се сее страв меѓу граѓаните и да се остваруваат политички цели, а не правда и правдина. Потсетуваме дека луѓето кои физички го овозможија влезот во Собранието на 27-ми април 2017-та година се на слобода истргувана на познат начин, а креаторите на пеколни планови се далеку од познати.
- Го потенцираме ставот на бројни и врвни независни еминентни правници во Македонија, но и надвор од неа на реномирани универзитети и државни институции во земјите на ЕУ и пошироко, кои на специфичен начин го коментирале правниот настан и дури и носеле одлуки во врска со истиот, квалификувајќи го како политички, а не како правен процес. Истовремено и најголемите светски демократии во слични и полоши околности од оние на 27 април 2017 во Македонија не настапувале со политички конструкти како „тероризам“, туку својот суд го мереле единствено на фактичките докази и на фер и темелна неселективна судска постапка.
- Ги повикуваме последните инстанции во Македонија кои може да донесат правична одлука, да го следат правото и да ги поништат осудителните одлуки на судовите во прв и втор степен, базирани на политички обвинителен акт и врз лажни искази и сведочења, без никакви суштински и вистински докази за непостоечкиот тероризам.
- Декларацијата ќе се достави до Претседателот на Република Македонија, Претседателот на Владата на Република Македонија, Претседателот на Собранието на Република Македонија и претставници на меѓународната заедница.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Настаните на 27 април пред и по отворањето на вратите на Собранието го променија текот по кој се движи македонската држава. Применувањето на политичка сила и судско-обвинителскиот терор преку еклатантни монтирани процеси, подигрување со правото и уништување на човечки судбини, потпомогнато од хајките на медиумските лакеи кои „произведуваа и бркаа вештерки“, оставија трајна дамка врз организираноста на државата, многу поголема од физичкото насилство кое никој не го поддржува.
Општеството има потреба од помирување и објективно согледување на настаните. Македонија мора реално да расчисти со случувањата на 27 април 2017 за никогаш да не и се повторат. Истото е можно единствено преку спроведување на вистинска правда, а не политички нарачки кај обвинителите и судиите кои и слугуваат на власта, а не на граѓаните и интересите на државата.
Оваа декларација има за цел да биде гласот на секој објективен и чесен граѓанин на Република Македонија кој не трпи неправди, ја сака својата држава и се бори секојдневно за почит на нејзиното минато, подобра сегашност и перспектива во иднината.