Познатиот спортски медиум „GIVEMESPORT“ во своето денешно издание состави листа на фудбалери кои се уште владеат во светот на фудбалот, а имаат 34 години или повеќе.

Во листата се најдоа 18 познати фудбалери кои фудбалскиот леб го печалат играјќи во најдобрите пет европски лиги.

Во оваа листа на која се наоѓаат и легендарните Кристијано Роналдо, Златан Ибрахимовиќ и Серхио Рамос место имаше и за нашиот капитен, Горан Пандев кој со своите 37 години импресионира во дресот на Џенова, но и во дресот на репрезентацијата на Македонија.

Во краткиот опис зошто се најде во овој избор, од медиумот наведоа дека неговото последно достигнување со златни букви ќе остане запишано во историјата на Македонија.

– Горан Пандев ќе биде запаметен од фановите на Интер како еден од клучните играчи во сезоната кога ја освоија триплетата (2009/10), меѓутоа неговото последно остварување дополнително го овековечи неговото име во македонските историски книги.

– 37 годишниот фудбалер го имаше 114-тиот натпревар во националниот тим во натпреварот против Грузија во кој обезбедија место на Еуро 2021, а искусниот ветеран ги искористи сите тие години искуство за мирно да ја смести топката зад Џиџи Лорија во второто полувреме.

– Македонија го задржа водството до 1:0 и си обезбеди место на голем турнир за прв пат во нивната историја, а Пандев доби статус на божество во својата земја, -стои во објаснувањето на „GIVEMESPORT“.

Освен Пандев, Роналдо, Ибрахимовиќ и Рамос, на листата се најдоа и играчи како Џејмс Милнер, Оливие Жиру, Тијаго Силва, Фернандињо и Давид Силва.