Уште едно признание за еден од нашите најдобри фудбалери, Горан Пандев се најде меѓу најдобрите 18 фудбалери во Европа кои веќе имаат наполнето 34 години. Играчи кои продолжуваат да напредуваат во Топ 5 европските лиги и покрај нивната возраст..

„Гивмиспорт“ за Македонецот вели дека ќе биде запаметен од навивачите на Интер по неговиот придонес во сезоната 2009/2010 и освојувањето на тројната „круна“, но неговото последно достигнување го овековечи неговото име во македонските историски книги.

37-годишникот го забележа својот 114-ти настап за националниот тим во квалификацискиот натпревар против Грузија за место на ЕП 2020, а искусниот ветеран го искористи целото свое долгогодишно искуство за мирно да ја смести топката во мрежата на Лорија во второто полувреме.

Македонија забележа победа од 1:0 и си го обезбеди пласманот на едно големо сениорско натпреварување за првпат во нејзината историја, а Пандев се здоби со статус на „фудбалски Бог“ во неговата матична земја.

На оваа листа покрај играчот на Џенова, се наоѓаат уште врвните имиња како Кристијано Роналдо, Златан Ибрахимовиќ, Серхио Рамос, Давид Силва, Фернандињо, Тијаго Силва, Един Џеко, Оливие Жиру, Бурак Јилмаз, Џејмс Милнер, Фабио Кваљарела, Жоакин, Лорен Кошелни, Жозе Фонте, Раул Албиол, Александар Коларов и Жоао Мутињо.