Горан Пандев беше дел од најавната емисија „Еурофорија“ на државниот сервис, во која зборуваше за првиот натпревар против Австрија, но и за останатите ривали и амбициите на репрезентацијата на ова Европско првенство.
„Атмосферата е одлична, пред два дена стигнавме тука, се навикнуваме. Со нетрпение го очекуваме првиот натпревар. Сонот ни се оствари, недела е ден за уживање. Се надеваме на добар почеток на Европското првенство и позитивен резултат. Играме на високо ниво со сите, тоа ни фалеше во минатото. Имаме победнички менталитет, а тоа е најважно. Знаеме што можеме да направиме, смирени сме и едвај го чекаме почетокот.
Првиот натпревар е најтежок. Има еуфорија, првпат сме тука, дебитанти сме… Кога ќе почне мечот се заборава сè. Сите сме подготвени да оставиме срце на терен. Оваа генерација има свои адути и можеме до добри резултати. Се надеваме на поминување на групата.
Имаме лошо искуство со Австрија. Повеќе играчи им играат во Бундеслигата. Добро ги анализиравме, подолго време се подготвуваме за овој меч. Ги знаеме сите слаби и силни страни. Ќе биде тешко. Знаеме како да одиграме и како да им парираме. Подготвени сме за тоа“ , вели капитенот.