Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев го израмни денеска рекордот во Серија А според бројот на натпревари на кои влегол во игра од клупата за резервни фудбалери, објави Опта Паоло, италијанската верзија на статистичката платформа.
Пандев, попладнево влезе во игра во 71 минута во триумфот на Џенова на гостински терен над Кротоне до 3:0, во рамки на 20 коло во италијанското првенство.
За македонскиот капитен тоа беше 154 одигран натпревар во Серија А што не го започнал од првата минута, израмнувајќи го рекордот на поранешниот легендарен напаѓач на Киево, Серџо Пелисие.
Своите 154 настапи од клупата за резервни фудбалери 37-годишниот Пандев ги запиша како член на екипите на Интер, Лацио, Наполи и Џенова. (МИА)