Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев во гостувањето во емисијата студио 10 на Телевизија 24 изјави дека актуелниот претседател на ФФМ Мухамед Сејдини и луѓето околу него под итно мора да заминат од функциите.

-Она што најитно треба да се направи за македонскиот фудбал е да се тргнат луѓето од федерацијата на чело со Сејдини и да дојдат луѓе кои знаат и имаат идеја. Пример нека им биде Ракометната федерација. Видете, не е фудбалот само, ние да фрламе пари, а Сејдини и некои негови другари да кажуваат вака треба, така треба, а да нема никаков напредок во мак-фудбалот“, порачува Пандев за Студио 10 на ТВ 24.

Тој посочи дека нема амбиции да биде претседател.

-Не, немам амбиции да бидам претседател на ФФМ, но спремен сум да помогнам македонскиот фудбал да го подигнеме на едно повисоко ниво. Според мене, македонската лига во моментов е најаматерската и најнаместена, како и најнекоректна лига во цел свет, вели Пандев.

Пандев откри и што се случувало за време на квалификациите и патот кон ЕП.

-Претседателот и некои луѓе сакаа да ја нарушат атмосферата во репрезентацијата, но не успеаја. Сејдини се дрзна да го менува селекторот пред дуелите со Косово и Грузија, а токму Сејдини и некои луѓе околу него кои не ги ни познавам не дојдоа ниту да ни посакаат среќа. Некои луѓе околу претседателот и самиот, имам впечаток дека не се среќни што се пласиравме на ЕП. Сејдини по натпреварот со Израел од квалификациите за ЕП, каде завршивме трети на табелата, дојде и сакаше да го смени селекторот Ангеловски. По натпреварот со Израел, дојде во хотелот и ми вели, Горан сакам да разговараме, сакам да го смениме селекторот Ангеловски, му одговорив вие сте претседател, вие одличувате, но според мене, не е моментот вие да го правите тоа, сега пред натпреварите со Косово и Грузија, вели Пандев.