Британскиот премиер Борис Џонсон, германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и други светски лидери повикаа на глобален договор за заштита на земјите од пандемијата на вирусот корона, сличен на договорот постигнат по Втората светска војна, пишува „Гардијан“.
Додека земјите се соочуваат со вакцинален национализам и конфликти, лидерите предупредуваат на изолационизам и ја опишуваат пандемијата како „остар и болен потсетник дека никој не е безбеден сè додека сите не бидат безбедни“, се вели во писмото до весниците ширум светот.
– Advertisement –
Лидерите исто така повикаа на нова ера на солидарност поради „најголемиот предизвик за глобалната заедница од 40-тите години на минатиот век“.
Група од 24 светски лидери и првиот човек на Светската здравствена организација, д-р Тедрос Адан Гебрејезус, повикаа на нов меѓународен договор, сличен на оној по Втората светска војна, кога земјите се сплотиле за меѓусебна соработка за општо добро.
Тогаш, по разорните Прва и Втора светска војна, лидерите дојдоа до мултилатерален систем, се наведува во изјавата објавена во француски, шпански и германски весници.
Договорот треба да доведе до споделена одговорност, транспарентност и соработка во меѓународниот систем.
„Гардијан“ посочува дека писмото е испратено додека земјите се во конфликт околу залихите на вакцини, додека некои рапидно напредуваат со програмите за вакцинација, како што е Велика Британија.
Групата се согласила да ја испита потенцијалната вредност на идејата и да разговара за неа на самитот во Корнвол во јуни.
Светските лидери заклучиле дека, без оглед на потеклото на вирусот, неизбежна е втора глобална пандемија.
Од почетокот на пандемијата, повеќе од 128 милиони луѓе се заразени во светот, додека скоро три милиони починале, според порталот Worldometers.info.