Ситуацијата кај занаетчиите е крајно алармантна. Дел од нив веќе ставија клуч на работилниците. Потребни им се свежи пари за целосно да не им пропадне бизнисот. И занаетчиите секојдневно ја чекаат државната помош, бидејќи тврдат дека ликвидноста им е лоша и не знаат како да ги задржат вработените.

– Advertisement –

„Во комората веќе почнуваат да пристигнуваат барања за престанок, затоа што преку комората се бришат занаетчиите и веќе пристигнуваат прашања во делот на тоа кои се условите за бришење од регистрите на занаетчиите, затоа што не можат да го издржат притисокот и товарот во кој се наоѓаат во делот на финансиите“, рече Анета Атанасовска, извршен директор на Занаетчиската комора.

Колку е лоша ситуацијата проценете сами, во последните пет дена вие сте први што влеговте во дуќанот, вака се обиде да ни ја објасни својата мака шапкарот Абдула Мустафа. Неговите пресметки велат дека за дури 90 отсто е намалена неговата работа. Вели дека сега чека да замине во пензија, која ќе му изнесува околу 10 илјади денари, што е подобро од колку ништо.

„Давачките се 1200 евра за паушал годишно, тоа треба да платам кон државата. Јас побарав до Комората на занаетчии во името на моите колеги да не ослободат од тие давачки, јас никогаш не би отишол во пензија, еве и сега ова го кажувам ама мислам дека нема да има ефект“, рече Абдула Мустафа, занаетчија – шапкар.

Инаку, 100 занаетчии од Развојната Банка подигнале бескаматен кредит. Услов за оваа државна помош им беше да докажат дека имаат реален пад на приходите од 20 отсто.

„Минималниот износ на кредит кој може да биде одобрен на кредитокорисник од оваа кредитна линија не може да биде помал од 184.500 денари. За трговец поединец и занаетчија максималниот износ не може да надмине износ од 307.500 денари“, се наведува од Развојната банка на Македонија.

Во скопската занаетчиска комора има околу 2000 регистрирани занаетчии, на ниво на цела држава бројот на занаетчии достигнува близу 4000. Освен проблем со финансиите, повеќе децениска мака на занаетчиите е и работниот кадар кој се потешко се наоѓа.

Иле Петревски