Приливот на странски директни инвестиции во 23 економии од Централна, Источна и Југоисточна Европа e повеќе од преполовен во првата половина од годинава, но земјите од Западен Балкан имаа многу помал пад, покажа новата анализа на Виенскиот институт за меѓународни економски студии (WIIW).
Во земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (CESEE) во првите шест месеци од 2020 година, странските директни инвестиции се намалени за 58 отсто во споредба со истиот период во 2019 година, додека на глобално ниво имаше помал пад од 49 отсто, според УНКТАД.
Сепак, падот во регионот на CESEE беше помал отколку во развиените економии, каде што се проценува на 75 отсто.
Намалувањето на приливот на странски директни инвестиции не влијаеше подеднакво на земјите од CESEE и на Западен Балкан падот беше осум отсто, во земјите на ЕУ-ЦЕЕ 35 и во Заедницата на независни држави плус Украина и Турција околу 40 отсто.
Русија забележа негативен прилив на директни странски инвестиции во анализираните шест месеци, според WIIW. Исто така, се наведува дека во земјите-членки на ЦЕЕ на ЕУ, падот на странските инвестиции почна во 2019 година, кога заврши тригодишниот период на раст.
Низ регионот CESEE, гринфилд инвестицискиот капитал беше намален за 23 отсто додека глобалниот пад во првата половина на 2020 година беше 34 отсто.
Најчувствителниот сектор кон рецесијата, како во однос на приливот на директни странски инвестиции, така и во смисла на „гринфилд“, беше преработувачката индустрија, се вели во анализата на австрискиот независен институт.
Глобалните синџири на вредност беа негативно погодени од шоковите на побарувачката и снабдувањето, како и нарушувањата во производствените, трговските и мрежите на снабдување.
Сето ова, според нив, може да поттикне скратување на синџирите на вредности, преместување и прекугранична поделба на производството во иднина, што може да ги загрози директните странски инвестиции.
Технолошките промени исто така можат да донесат одредена прераспределба на производните и услужните локации на среден и долг рок.
Сепак, се вели во анализата, европските синџири на вредности наскоро би можеле да закрепнат од првичните шокови и меѓународните инвеститори не се под притисок да се одлучат за скапи преместувања.
Повеќето земји од CESEE можат да имаат корист од поместувањето на производството на европски компании на поблиски локации, сметаат аналитичарите на австрискиот тинк-тенк.