Израелски воени авиони бомбардираа локации на Хамас во Појасот Газа како одговор на запаливите балони кои биле пуштени од палестинската територија, соопшти израелската војска.
Засега нема извештаи за евентуални жртви и причинета штета од нападите насочени кон подрачјето за лансирање ракети и комплексот кој му припаѓа на Хамас. Засега движењето Хамас се уште не се огласило.
Од прекинот на огнот на 21 мај и завршувањето на 11-дневните борби меѓу Израел и Хамас, Палестинците повремено пуштаат балони исполнети со запалив материјал преку границата, предизвикувајќи пожари во израелските полиња.
Палестинците велат дека сакаат со запаливите балони да извршат притисок врз Израел да ги ублажи санкциите кон Појасот Газа, кои беа заострени за време на борбите во мај. Пуштањето на балоните главно се намали откако Израел ги ублажи некои ограничувања кон Газа.
Но, балоните вчера беа повторно пуштени од Газа и предизвикаа најмалку четири пожари во областите во близина на границата. Израелската војска соопшти дека воздушните напади се одговор на постојаните испраќања на балони од Газа кон Израел во текот на денот.