Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф и се обрати на нацијата откако Индија изврши воздушни напади врз цели во Пакистан и Кашмир под пакистанска управа. Во своето обраќање тој остро ги осуди нападите, нарекувајќи ги „кукавички“ и рече дека Пакистан покажал дека знае и може да се брани.

Шариф рече дека во рок од еден час од нападот на линијата на контрола, која ја формира де факто границата меѓу Индија и Пакистан, имало „континуирани борби“ во кои пакистанската армија, како што рече, покажала храброст.

„Тие ги уништија авионите на нашите напаѓачи и непријатели“, рече тој, повторно осврнувајќи се на тврдењата на пакистанската војска дека соборила индиски борбени авиони – што индиските власти досега не ги коментираа.

Премиерот изјави и дека Пакистан го дал својот прв одговор на Индија, нагласувајќи дека Индија ги почнала нападите, но дека Пакистан покажал дека знае да се бори за својата земја.

Во продолжение на својот говор, Шариф откри дека во индиските напади загинале 26 лица, а 46 други, меѓу кои жени и деца, биле повредени. Меѓу загинатите, како што рече, има и седумгодишно момче кое во моментот на нападот било дома со мајка си и брат му.

„Ставете ја раката на срцето“, рече премиерот. „Ви ветувам дека ќе се одмаздиме за секоја капка крв на овие жртви“.