Синоќа во Македонија е уапсен и предаден на грчките власти Пакистанец осомничен за убиство на неговата девојка во Грција. Како што јави дописничката на МИА од Атина, тој бил фатен заедно со група нелегални мигранти, а неговото апсење е резултат на соработката на полициите на двете земји.

Пакистанецот кој е на возраст од 20- тина години, е главниот осомничен за убиството на неговата 17-годишна девојка во вторникот во атинска населба.

Од грчкото Министерство за цивилна заштита во чија надлежност е полицијата, соопштија дека имале информации дека осомничениот се наоѓа во северна Грција, со цел да избега во некоја од земјите од централна Европа.

Како што соопшти министерот за цивилна заштита на Грција, Такис Теодорикакос преку социјалните мрежи „осомничениот за убиството на 17-годишната Николета во Атина, ќе биде изведен пред надлежниот обвинител“.

Од македонското МВР пак соопштија дека уапсени биле вкупно 4 лица.

„На 05.08.2022, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Север ги пронашле и привеле A.Х.(20), Х.A.(22), И.A.(40) и M.T.(18), сите од Пакистан. Тие биле барани по потерница од полицијата на Република Грција поради сомнение за сторено кривично дело „убиство“, соопштија од МВР, при што потврдуваат дека синоќа во 22 часот лицата биле предадени на полициски службеници од граничниот премин Евзони.