Пакистан го одобри новиот закон против силување што на судовите им овозможува да наредат извршување хемиска кастрација врз некои од престапниците и да дозволи формирање специјални судови за побрзо судење, јави ДПА.

Пакистанскиот претседател Ариф Алви денеска ја потпиша уредбата за нацрт-законот. Законското решение уште минатиот месец беше одобрено од кабинетот на премиерот Имран Кан, се наведува во соопштението. Владата сега има рок од четири месеци да побара задолжително одобрување од парламентот со цел тој и официјално да стане закон и влезе во правна сила.

На законот се гледа како на кулминација на негодувањата откако претходно годинава една мајка беше силувана пред нејзините деца на еден од најголемите автопати во земјата, додаде германската агенција.

Силувањето и обвинувањето на жртвата од страна на висок полициски офицер предизвика протести и барања за нов закон со кој ќе се обезбеди сторителите навистина да бидат казнати.

Во сложениот пакистански систем на кривична правда ретко доаѓа до осудувања за силувања.

Според новиот закон, владините агенции треба да водат база на податоци за сторителите на кривични дела, а судовите треба да обезбедат судењата да бидат завршени во рок од четири месеци од датумот на злосторството.

Според новиот закон, прекршителите осудени за групно силување и сексуални злосторства врз деца може да се соочат со хемиска кастрација, додаде ДПА. (МИА)