Падот на Македонија за шест места на најновиот индекс за слобода на медиумите на „Репортери без граници“ претставува сериозен показател за негативниот тренд во демократското управување и односот кон критичкото мислење во земјава, велат од ДУИ.
Деталната анализа, според нив, укажува на сериозни слабости, од политичкиот контекст и правната рамка, до економските притисоци и безбедносната состојба на новинарите.
Загрижувачки е, истакнуваат од партијата на Ахмети, што во извештајот јасно се детектира постоење на одредени паралелни медиумски системи, директно поврзани со политички и економски центри на моќ, кои влијаат врз уредувачката политика и ја поткопуваат довербата на граѓаните.
„Наместо да гарантира институционална независност, Владата избра да го продлабочи клиентелизмот преку нови механизми за влијание, вклучително и рекламирање на јавните институции во приватни медиуми, што повторно го отвора прашањето за транспарентност и фер третман на медиумската сфера“.
ДУИ ја потсетува Владата дека односот кон медиумите е директен одраз на зрелоста на една демократија.
„Наместо селективна поддршка и политички погодни уредувачки пристапи, неопходна е поддршка на професионалните стандарди, независноста на јавниот сервис, заштита на новинарите и институционална подготвеност да се одговори на критичкото известување со отчетност, а не со притисоци“.
ДУИ, како што посочуваат, останува доследна на ставот дека слободата на медиумите е основен столб на правната држава и ќе ги поддржи сите процеси што водат кон медиумска транспарентност, плурализам и професионализација, согласно европските стандарди кои ги стремиме.
Текстот Падот за шест места е сериозен показател за негативниот тренд во демократското управување, велат од ДУИ за извештајот на „Репортери без граници“ е превземен од МАКФАКС.