Вработените на психијатриските одделенија на Општата болница во романскиот град Тарнавен поднесоа колективни оставки, обвинувајќи ги медиумите за притисок, откако беше откриено дека пациентите престојуваат во нехигиенски услови, креветите биле покриени со пластика наместо со чаршафи, додека некои од пациентите биле врзани за креветот, а други биле вработени како чистачи на тоалети, пренесуваат медиумите во регионот.

Според директорката на болницата, Сузана Мегешан, реакцијата на персоналот била предизвикана од јавното соопштение на претставничката на Романскиот центар за правни ресурси (CRJ), Џорџијана Паску, во кое било наведено дека во институцијата биле пронајдени „несоодветни услови за сместување, недостаток на хигиена, како и пациенти кои биле имобилизирани или изолирани“, објави денес „Јуроњуз Романија“.

„Заедно со раководителите и главните медицински сестри на одделот, успеавме да отвориме дијалог. Одлуката не беше донесена поради непрофесионализам, туку поради чувството дека обвинувањата се неправедни и се засновани исклучиво на негативните аспекти на работата“, рече Мегешан.

Според администрацијата, посетата на инспекторот се одржала од 7 до 9 ноември 2025 година, во рамките на националната програма за надзор на социјалните и здравствените установи.

Болницата објави дека медицинската дејност се одвива под редовни услови, со почитување на сите протоколи и стандарди, како и дека пациентите имаат постојана медицинска нега, стручен надзор и пристап до поддршка без прекин.

Во извештајот на Центарот за правни ресурси, сепак, се наведува дека за време на инспекцијата е пронајдена „неопислива нечистотија, десетици кревети збиени заедно, пациенти на валкани душеци или завиткани во пластика без постелнина“.

Се вели дека некои пациенти биле врзани за своите кревети, додека други биле принудени да чистат тоалети.

Министерот за здравство на Романија, Александру Рогобете, изјави за „Јуронјуз Романија“ дека е запознаен со ситуацијата и дека наредил инспекцијата во округот Муреш да изврши детална контрола и да поднесе извештај, по што ќе се одлучат за понатамошни мерки.

Фото: принтскрин

Текстот Пациенти врзани за кревет, други биле принудувани да ги чистат тоалетите: инспекцијата утврдила шокантни услови во романска психијатриска болница е превземен од МАКФАКС.