Лидерот на опозициската партија Алијанса ново Косово (АКР), Беџет Пацоли ја нарече „фантазирање“ вчерашната изјава на премиерот Албин Курти дека, во минатите година и половина, од кога е тој на власт, се вработиле повеќе од 40 илјади Косовци, јави дописникот на МИА од Приштина.

На неговата страница на Фејсбук, Пацоли напиша дека е „исклучително неодговорно во една криза како оваа“, да се даваат изјави кои имаат за цел „единствено да се купи социјален мир“.

– Читам во медиумите дека некој говорел за висок економски раст во земјата, за десетици илјадинови работни места и за сите убавини што се случиле во Косово. Мисла дека е исклучително неодговорно во една криза како оваа, со една тешка зима која ни претстои, да се зборува со термини на фантазирање, единствено да се купи социјален мир, напиша Пацоли.

Опозицискиот лидер вели дека денес ниту во најразвиените земји не се зборува за некаков економски раст или работни места, туку се расправа за тоа како да се надмине кризата, инфлацијата и недостатокот на електрична енергија.

Пацоли, кој е поранешен претседател на државата и шеф на косовската дипломатија, а важи и за најбогат Косовар, со бизниси кои се протегаат и надвор од земјата и на други континенти, вели дека „можеби е вистина оти десетици илјади Косовци се вработиле, но не во Косово“.

– Се вработија во Германија, Хрватска, Словенија, Швајцарија. И оние (во случајов како мене и моите компании) кои создаваат работни места во Косово, денес се бојкотираат и попречуваат од оваа влада која не чини ништо друго освен што ги блокира и лошо ги менаџира парите на даночните обврзници, напиша Пацоли.

Курти вчера изјави дека, освен што имало десетици илјади нововработени, од кога е тој на власт, Косово забележало голем економски раст, што предизвика бројни реакции во домашната јавност, многу од кои со потсмевање, како овој на Пацоли.