Полицијата на округот Брчко на БиХ уапси осум лица под сомнение дека сториле кривични дела трговија со луѓе, трговија со деца и запуштање или злоупотреба на дете кога вчера во куќа во тој град на крајниот североисточен дел на Босна и Херцеговина беа пронајдени 31 дете на возраст под 12 години.
Портпаролката на окружната полиција, Џевида Хукичевиќ, за новинарите изјави дека истрагата е сложена и вклучува неколку линии на дејствување.
„Во врска со ова, под надзор на односниот обвинител, полициските службеници на окружната полиција им даваат приоритет на сите потребни доказни дејства, при што беше постигната соработка со Државната агенција за истраги и заштита (СИПА), МУП (на субјектот на БиХ) на Република Српска и МУП на Херцеговина, како и со меѓународната соработка со Европол“, вели таа.
Во меѓувреме, децата се пренесени на безбедно место.
Според медиумите, уапсени се судскиот полицаец и мајка му, како и една жена со италијанско државјанство. Хрватската полиција соопшти дека меѓу пронајдените деца во Брчко шест имале хрватски документи.
Со прелиминарните идентификациски проверки утврдиле дека овие деца не се пријавени за исчезнати во Хрватска. Иако документите што ги придружуваат децата се во согласност со хрватските закони, полицијата ќе преземе дополнителни проверки на автентичноста на документите и идентитетот.
Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина ги повика надлежните органи итно да почнат темелна истрага и да ги гонат одговорните.
„Истовремено, неопходно е да се обезбедат сеопфатна заштита и поддршка на жртвит имајќи го предвид фактот дека се малолетни. Силен одговор од надлежните институции е предуслов за спречување криминални дела од овој тип, но и за заштита на најранливите членови на општеството и зачувување на владеењето на правото“, се наведува во соопштението за печатот на Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина.
Текстот Oсуммина уапсени во Брчко поради трговија со деца: вклучен и Европол е превземен од МАКФАКС.