Еркут Согут, агент на играчот за врска на Арсенал, Месут Озил, изјави дека фудбалерот нема намера да ги напушти „топџиите“ во зимскиот преоден рок.
– Срамота е што Месут не игра за Арсенал. Да, секој зборува за неговата голема плата, и јас разбирам зошто, но тука гледам неправедност, со оглед на креативноста и талентот на Озил. Многу екипи сакаат да го имаат во својот состав, но тој го почитува договорот и сака да игра за Арсенал. Месут е човек од збор, таквата лојалност ретко се среќава каде било овие времиња, истакна Согут за „Tuttomercatoweb“.
Триесет и двегодишниот Германец со турско потекло, не се појави на теренот во сезоната 2020/21. Арсенал одлучи да не го стави на списокот во сите натпреварувања.
Договорот на играчот „топџиите“ важи до крајот на јуни 2021 година. (МИА)