Иницијативата Отворен Балкан според Едвард П. Џозеф од Школата за напредни меѓународни студии при Универзитетот Џонс Хопкинс (Johns Hopkins School of Advanced International Studies) од САД, е добра за земјите од регионот во однос на трговијата, но е лоша идеја тоа да се прави со режим кој е, вели, креиран за да ја зголеми српската политичка моќ која има најголема економија со трговски суфицит со многу држави во регионот.

-Србија е автократија не е демократија и се движи во погрешна насока, а во контекст на Русија и Украина, тоа значи нестабилност, додава тој.

-За Северна Македонија е добро да има добри односи со сите соседи вклучувајќи ја и Србија, добри трговски односи. Вашата земја и регионот се посветени на европска и евроатлантската интеграција, но Србија се противи на НАТО со тоа што ја поддржува Русија, промовира руски наративи и Отворен Балкан начинот на кој е дизајниран и овозможува поголемо политичко влијание на Србија во регионот, што води кон нестабилност. За вашата безбедност, како мала земја, која се соочува со закани од Бугарија, она што и треба е да не биде под српскиот чадор. Вашата безбедност треба да ја барате под чадорот на НАТО и ЕУ и да одржувате добри односи со сите земји, со Косово и Грција. Треба да го балансирате Отворен Балкан со „здрав триаголник” Скопје – Приштина и Атина, со земји кои ги почитуваат постојните граници и идентитети, смета американскиот експерт за регионот.

Тој појаснува дека српскиот национализам води кон албанскиот национализам, едниот го промовира другиот национализам, а „Голема Албанија е целосно деструктивна за оваа земја”, иако, вели не може да каже дека Албанците го бараат тоа. Во однос на бугарскиот национализам Џозеф вели дека тоа е вистинска закана бидејќи Бугарите посегаат по историјата и идентитетот на земјава, што е нечуено. Тоа, според него е кршење на духот и словото на Договорот за пријателство, а однесувањето на Бугарија е се само не пријателско.

-Заканата од Бугарија е реална, а она што ви останува е да ја искористите предноста од скрининг процесот. Не се потребни уставни измени во моментов и треба да се фокусирате на реформите, кои се во интерес на земјава. Искористење ја и предноста од претседавањето со ОБСЕ. Тоа е огромна можност во историско време кога се случува војна меѓу Русија и Украина, која има импликации на целиот свет. Вашата земја ќе ја води организацијата, која е формирана за безбедноста на истокот и западот и тоа е огромна можност и привилегија за вашата земја да го демонстрира тоа лидерство во ваков клучен момент во историјата, потенцира американскиот професор.