Храната што ја јадете секој ден е важна за вашиот организам на различни начини. Секој плод содржи различни материи, кои се благотворни за човечкото тело. Еве кои овошја и зеленчуци се богати со калиум, минерал кој е многу важен за работата на срцето.

Калиумот освен за работа на срцето, помага во функционирањето на бубрезите, корисен е за мускулите и за коските. Ако имате недостиг од овој минерал, ќе чувствувате замор на физичко и психичко ниво. Калиумот освен во овошјето и зеленчукот, го има во млекото и месото.
Кај зеленчукот најмногу калиум има во доматите, компирите, сушените лути пиперчиња, спанаќот (генерално секој листест зеленчук), артичоките.

Зеленчук богат со калиум

Печурките обезбедуваат 0,3 грама калиум, на 100 грама изедени. Добро е што тие можат да се подготвуваат на разни начини, комбинирани со десетина други производи, и имаат ниско ниво на калории, само 28 на 100 грама. За да обезбедите што повеќе калиум, јадете чорба од печурки, паштета од печурки, печурки во путер, полнети печурки, салата, ќофте од печурки и сл.
Компир секој сака, а ако досега внимававте со јадење, бидејќи се зборува дека се нездрави, сега можете да се опуштите, но се разбира да се печени. Во 100 грама вакви компири има 0,53 грама калиум. Секако добро е да знаете дека оваа храна не се препорачува за дијабетичари. Освен печен препорачливо е да се јаде и компир-манџа, компир салата, ќофтиња и шницли од компири.
Белиот грав е добар извор на влакна, протеини и скроб. Тој ја дополнува дневната потреба од железо и е храна богата со калиум, така што во 80 грама има 0,6 грама од овој минерал.

Овошје богато со калиум

Сувите кајсии содржат повеќе калиум од свежите. Порција од 100 грама ќе ви даде речиси 30 отсто од препорачаната дневна доза калиум. Кајсиите се исто така многу важни за метаболизмот затоа што го регулираат крвниот притисок и телесните течност. Спречуваат ревматски болести т.е. артритис. Ставете ги во овошни салати, сорбе, торти, овошни кремови. И сливите се исто така богати со калиум, а покрај овој минерал во нив има и висок процент растителни влакна и јаглехидрати.

Сливите имаат специјална хранлива вредност ако се дехидрираат, бидејќи при тој процес се зголемува нивото на прости јаглехидрати. Покрај тоа, сливите го зголемуваат нивото на енергија поради високиот процент шеќер. Ова овошје помага при опстипација благодарение на влакната во својот состав и го намалува холестеролот. Диетата со сливи ќе ви помогне да се олесните и да си обезбедите доволно калиум. Но, внимавајте ако имате чувствителен желудник.

Сувото грозје обезбедува до 21 процент од дневната доза калиум. Добро е да знаете и дека содржи висок процент шеќер, поради што треба да го консумирате умерено. Можете да го ставите во едноставни колачи, бонбони, колачи без печење, брзи торти или вегански плочки. Бананите се овошје кое е најбогато со калиум и содржат 10 отсто од дневната потребна доза. Тие одржуваат баланс во клетките и помагаат во правилно функционирање на нервниот, дигестивниот и мускулниот систем. Јадете банана леб, палачинки, колачи со банани.