Сторителите се обвинети врз основа на цврсти и непоспорни докази. Случајот „Монструм“ се врати од почеток и првичната пресуда не беше укината само поради евентуално постоење на прислушувани разговори. Ова го изјави републичкот јавен обвинител Љубомир Јовески во интервју за „Дојче Веле“. Како што вели тој, повторената постапка за овој случај, ги остстранила сите сомнежи за евентуален монтиран процес.
-Пред се би сакал да кажам дека е погрешна перцепцијата во јавноста дека пресудата е укината само поради евентуално постоење на прислушувани разговори. По жалбата на обвинетите, Врховниот суд утврди дека вистинитоста на решавачките факти се доведува под сериозно сомневање и укажа дека при повторната постапка потребно е да се изврши реконструкција на настанот и од аспект на исказот на загрозениот сведок, дека на одбраната не и е овозможен увид во возилото со што е повреден принципот на еднаквост на оружјето, но и на други околности од утврдената фактичка состојба, вели Јовески.
Тој истакна дека во судскиот случај нема победници и губитници.
-Заради жртвите и оштетените, извршителите мора да се изнесат пред лицето на правдата. И тоа да е сторено на законит начин и со цврсти и издржани докази. Најзначајно од сѐ, е тоа што сторителите на ова тешко дело се обвинети врз основа на неспорни и цврсти докази во законита постапка“,, изјави Јовески за Дојче Веле.
Во завршните зборови, на последното рочиште одржано на 21 јануари, обвинителката Фатиме Фетаи побара доживотен затвор за обвинетите Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ. За Хаки и Фејзи Азири пак, побара едниот да биде осуден со 9, а другиот со 15 години затвор. Според Фетаи, едниот без да знае за убиството ги однел до дома сторителите, а другиот пак, им помогнал на Алил Демири и Агим Исмаиловиќ да избегаат. Фетаи побара Сами Љута да биде ослободен од обвинение, бидејќи обвинителството не обезбедило докази дека го извршил кривичното дело „тероризам“.