Владината мерка за замрзнување на цените е задоцнета, но подобро подоцна отколку никогаш, вели економистот Бранимир Јовановиќ, за ТВ21. Според него пооправдано е цената на основните производи да се замрзнат со цел Владата да спречи покачување на инфлацијата.
-Не може млекото да биде поскапо во Македонија отколку во Австрија како што е сега. Моментално тетрепак млекото во Македонија е 80 денари, во Австрија е 1,25 евра. Нема никаква економска оправданост за такво нешто. Ниту струјата е поскапа во Македонија, ниту платите поголеми, ниту даноците. Доколку на владата не и е гајле за сиромашните дали тие ќе гладуваат или не и е гајле само големите фирми ќе остврат високи профити, тогаш бујрум не мора да ги замрзнува цените, па ќе видиме тие што се богати ќе стануваат уште побогати, тие што се сиромашни ќе гладуваат.
Јовановиќ додава дека замрзнувањето на цените не би влијаело негативно врз профитот на компаниите како што тврдат тие. Од друга страна, економистот Висар Адеми истакнува дека во пазарната економија цените се одредуваат според понудите и барањата, а интервенцијата на владата може да предизвика уништување на пазарот. Според него граѓаните имаат потреба од развојни политики а не од мерки кои не носат долгорочна добивка.
„Идеална мерка би била контрола на маржата на профит на овие компании а не на крајната цена, реков и претходно тоа е арбитрарна интервенција, значи треба да се контролираат маржите на овие компании. Второ, вие не можете да го ограничите лебот а во меѓувреме другите производи како што се електричната енергија, нафтата, да ги одредувате според цената на берзите. Треба да интервенирате и таму бидејќи ова се елементи кои граѓаните повеќе ги чувствуваат“, вели Висар Адеми.
Инаку, министерот по економија Крешник Бектеши најави дека освен цената на лебот до крајот на неделата ќе се донесе одлука за замрзнување на цените на млекото и некои други производи.
Извор ТВ21.