Оваа година ќе започне изградбата на коридорот 8 а до крајот на 2025 ќе имаме автопат до граничниот премин Ќафасан, изјави за ТВ21 директорот на ЈП Државни патишта Ејуп Рустеми. Тој верува во работата на компанијата Бехтел и Енка затоа очекува градежните работи да се реализираат во предвидените рокови.
„Сега се отвора патот Владата да формира комитет кој треба да започне преговори со компанијата Бехтел и Енка, за да имаме договор за почеток на работата на овие делници што е предвидено и со законот кој вчера помина во Собранието на Северна Македонија. Врз основа на овој закон се предвидува да се комплетира коридорот 8 почнувајќи од Тетово до Гостивар, бидејќи сегашниот автопат Тетово –Гостивар не ги исполнува условите според европските стандарди“, истакна Ејуп Рустеми.
Рустеми рече дека на овој дел од автопатот и на тие делови каде што има потреба ќе се интервенира со цел тие да ги исполнуваат потребните услови. Но колку ќе чини целиот проект и за колку време ќе се стасува од Скопје до Охрид по завршување на градежните работи?
„Јас не сакам сега да давам проценки за вредноста и за тоа колку ќе чини, но во секој момент граѓаните ќе бидат информирани транспарентно. Ние зборуваме за изградба на автопат на највисоко ниво, по европски стандарди а кога ги имаме предвид европските автопати кои дозволуваат брзина и до 130 км/ч и возејќи со таква брзина, а имајќи ја предвид и безбедноста на учесниците во сообраќајот, јас верувам дека многу брзо граѓаните ќе стигнуваат од Скопје до Охрид“, посочи Ејуп Рустеми.
Автопатот кој треба да ги поврзе Македонија, Бугарија и Албанија, ќе минува од Скопје до Ќафасан. Коридорот 8 е еден од проектите од кој се очекува најмногу да и помогне на економијата во земјава. Директорот Ејуп Рустеми рече дека овој коридор е од голема важност бидејќи ги поврзува Истокот со Западот, со што, како што вели тој, ќе влијае да порастот на трговијата меѓу соседните земји. Според него, домашната економија ќе има директа придобивка но и индиректна, од транзитот на стоките меѓу Албанија и Бугарија.