Нон-пејперот, наводно доставен до Брисел од словенечкиот премиер Јанез Јанша, предвидува обединување на Косово и Албанија, припојување на делови од Република Српска кон Србија и на хрватските кантони во БиХ кон Хрватска, како начин за решавање на отворените прашања на Западен Балкан и забрзување на патот кон ЕУ и НАТО.

Содржината на документот до кој имала пристап агенцијата Бета, од дипломатски извори, се пренесува во целост, во неофицијален превод:

Западен Балкан – патот напред

Главното прашање на регионот на Западен Балкан, чие членство во ЕУ е загарантирано кога сите земји ги исполнуваат условите во согласност со одлуката на Европскиот совет во Солун, 2003 година, се нерешените национални прашања на Србите, Албанците и Хрватите. Поранешното Кралство Југославија и повоената СФРЈ ги криеја и ги ублажуваа проблемите што се разгореа по распадот на СФРЈ. Дејтонскиот договор ја запре војната во Босна, а кампањата на НАТО го заврши етничкото чистење на Косово шест години подоцна – напорите на ЕУ и на НАТО донесоа мир, ветувања за европска перспектива, останаа нерешени. Во принцип, Дејтонскиот договор го негираше статусот постигнат во вооружените конфликти, но практичните решенија де факто овозможија негово признавање. Врз основа на постојните методи и ритамот на решавање на проблемите, тешко е да се замисли европската перспектива на Србија и Косово, а членството на БиХ во ЕУ е целосно исклучено. Освен Турција и неколку локални политичари и нивни приврзаници кои лично имаат корист од хаосот и дисфункцијата на институциите, никој не е задоволен од ситуацијата во БиХ. Србија Хрватска и Албанија имаат стабилни влади во моментот и нивните избрани политичари се способни да донесуваат стратешки одлуки.

Решенија

а) Обединување на Косово и Албанија. На Косово, 95 отсто од населението сака да се обедини со Албанците од кои имаат потекло. Слична е состојбата и во Албанија. Границата меѓу Албанија и Косово не постои и на српските делови на Косово ќе им се гарантира посебен статус според моделот на Јужен Тирол.

б) Припојување на поголем дел од територијата на Република Српска. Српското национално прашање во голема мера може да се реши со припојување на поголем дел од РС кон Србија. Во тој случај, Србија ќе се согласи на припојување на Косово кон Албанија.

в) Хрватското национално прашање може да се реши:

– со припојување на мнозинските хрватски кантони на БиХ до Хрватска

– доделување посебен статус на хрватските делови на БиХ според моделот на Јужен Тирол

г) Бошњаците на тој начин би добиле независна функционална држава и ќе преземат целосна одговорност за тоа. Граѓаните би гласале на референдум за тоа дали се во ЕУ или надвор од ЕУ   за во иднина. Засега, огромното мнозинство Бошњаци ја поддржуваат европската перспектива, но ако продолжи хаосот и растечкото влијание на Турција и радикалниот ислам, ситуацијата може да се влоши драстично во следната деценија.

д) ЕУ во соработка со други фактори во регионот, како што е Иницијативата за три мориња, иницира имплементација на сеопфатна економска програма за стабилизација, подобра инфраструктура и енергетска поврзаност на регионот и рехабилитација на животната средина (ЕК веќе подготви делови од тој план)

ѓ) По усвојувањето и ратификувањето на сите потребни билатерални одлуки во регионот, преговорите за пристапување за членство во ЕУ и НАТО ќе бидат забрзани.

  1. Чекори

а) Премолчена верификација на можностите за спроведување на овој план со носителите на одлуки во регионот (во тек)

б) Премолчена верификација на поддршката за планот од страна на носителите на одлуки во меѓународната заедница (во тек)

в) Сеопфатна програма за комуникација за презентирање на планот пред јавноста, имајќи ја предвид различната атмосфера во одредени делови од регионот

г) Доколку ЕУ, САД и повеќето носители на одлуки во регионот се согласат со планот и чекорите за негова имплементација, иницијативата е официјално покрената од ЕУ

д) Се започнува процесот на комуникација кон различни целни групи

ѓ) Сите потребни билатерални постапки за спроведување на планот, синхронизирани и завршени во правна смисла, се иницирани во согласност со логичката низа

Ако премолчената постапка за проверка и корекција на планот покаже дека не може да се гарантираат потребните согласности на регионалните и меѓународните донесувачи на одлуки, нон-пејперот, до ново известување, останува нон-пејпер.