Порталот Пари, во соработка со платформата за бонитетни информации, БизнисМрежа.мк, четврта година по ред  ја претставува листата 100 Најголеми. Проектот 100 Најголеми содржи три категории – најголеми компании по приходи, по добивка и по број на вработени.

Предмет на рангирањето на 100 најголеми се компаниите што се трговски друштва во приватна сопственост. Ранг-листата не вклучува правни лица, банки, осигурителни компании, државни институции, компании во државна сопственост и останати правни лица кои не се регистрирани согласно со Законот за трговски друштва.

Податоците покажуваат дека минатата година вкупните приходи на стотте најголеми компании се 14,3 милијарди евра, а тоа е 4,35 милијарди евра повеќе од резултатот што го оствариле истите компании во 2021 година! Во 2021 година нивниот промет бил 9,95 милијарди евра. Но целата разлика, во најголем дел се должи на растот на приходот на најголемата компанија, Џонсон мети, која за една година имала раст на приходите од речиси 4 милијарди евра.

НАЈГОЛЕМАТА Е СТРАНСКА КОМПАНИЈА И ПРАВИ ПРИХОД КОЛКУ ПОЛОВИНА ДРЖАВЕН БУЏЕТ

Првото место и во 2022 година, како и во 2021 година, го има Џонсон мети. Таа лани направила приход од речиси 2,5 милијарди евра, при што има раст од 18 проценти во однос на претходната година.

На второ место, со 976 милиони евра, е ОКТА, и таа има раст на приходите за 129 проценти во однос на 2021 година.

На трето место е Макпетрол, лани направила приход од 611,5 милиони евра и тој е за 67 проценти поголем отколку во 2021 година.

Со направен промет од над 500 милиони евра, ЕВН хоум е на четвртата позиција, а остварила раст од 49 проценти.

Овие 4 компании и во 2022 и во 2021 година се на истите први четири позиции по реализиран приход.

Комплетната листа на 100-те најголеми компании на следниот ЛИНК.