Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски денеска одржа прес-конференција на која даде свое осврт за 2024 година, од аспект на работењето на Судот и ја оцени како година на крупни реформи за, но и една од најефикасните години, со оглед на сработените предмети. Со тоа, годината решени се 248 предмети, што е за 25 отсто повеќе од претходната кога имало 186.

Во обраќањето тој рече дека Судот се соочил со крупни реформи и новини во неговата работа, но за жал ова е и година на сериозни политички притисоци и влијанија врз Судот.

Обидите за политизација, етнизација на постапките и одлуките на судот со употреба на неосновани непристојни квалификации за него, за судот, неспорно претставуваат политички притисок и влијание.

„И притисоците и влијанијата, и манипулациите во повеќе наврати а и сега со индигнација ги отфрлам. Тие немаат никаква допирна точка ниту со заложбите за вледеење на правото, ниту со уставната, правната и политичката култура, ниту пак со европските вредности. Но тоа е нашата општествена или како јас ја нарекувам уставна реалност. Но, и покрај ваквата реалност, Судот не потклекна и влијанието не се рефлектираше врз квалитетот на нашата работа. Затоа накусо ќе кажам дека 2024 година ќе биде забележана како година на револуционерни реформи во работењето на Судот, една од најефикасните по однос на предметите коишто сме ги решиле, но и година на зголемена доверба на граѓаните во Уставниот суд, ако се зема предвид приливот од пристигнатите иницијативи, бројка што оваа година отскокнува од годините претходно, за што ќе елаборирам и со факти, понатаму во моето обраќање“, изјави Костадиновски.

Токму оваа 2024-та кога славиме 60 години од основањето на Уставниот суд, овој состав на Судот го унапреди своето работење со донесување на најзначајниот документ за саморегулација на начинот на работа и постапката пред Судот, а тоа е новиот Акт. Со новиот акт, како што истакна Костадиновски, се отстранети бројни слабости и можности за манипулативност во постапувањето на Судот кои беа воочени.

„Клучната промена која ја донесе овој Акт се контролните механизми за должината на постапките со што се скратува рокот и се забрзуваат постапките. Посебно значајна новина е што со новиот Акт постои можност ако Судот поведе постапка за уставност и законитост на некој пропис или негови одредби, да не донесе одлука за нивно укинување или поништување, туку да определи рок од најмногу шест месеци доносителот на оспорениот пропис да го измени или дополни истиот во согласност со наодите и аргументите на Судот. Целта на оваа новина е да не настане правен вакуум или последица за граѓаните. Секако доколку доносителот на актот не постапи по барањето на Судот, Судот ќе ја донесе својата одлука но граѓаните ќе знаат дали и како некој државен орган се грижи за нивните слободи и права. Оваа новина веќе е применета во предметот за Законот за електронските комуникации и обврската за прибирање мета податоци“, рече Костадиновски.

Друга значајна новина, како што додаде е можноста Судот да изготви и усвои посебен извештај за континуирано неуставно или незаконско постапување на некоја од властите до која Судот дошол низ редовната надлежност постапувајќи по предмети.

Рече и дека бројот на донесени одлуки оваа година е четирикратно зголемен во однос на минатата 2023 година. Па така, годинава имаме вкупно 107 одлуки, што е исклучително висока бројка, споредено со лани кога сме имале 25, или во претходните години кога на годишно ниво биле донесени меѓу 8 и 25 одлуки вкупно.

Уставниот суд во 2024 година донел 101 одлука со која се укинуваат одредби од закони или подзаконски акти. Поконкретно, донесени се 10 одлуки со кои се укинуваат законски одредби, а 1 (една) одлука со која се поништува законска одредба. Останатите се укинување на други прописи.

Судот донесе три одлуки со која се поништуваат одредби и со две одлуки се утврдила неуставноста додека во правниот промет биле спорните одредби.

Како дополнување на ова е и статистиката за решените барања за слободи и права, Имено, одлучено е по 4 барања за слободи и права на граѓани, од кои во две е утврдена повреда, тоа се случаи веќе познати на јавноста, поврзани со новинари кои известувале за настаните од 27 април 2017 година во Собранието.

„Прикажаниот приказ на овие одлуки упатува на заклучок дека Уставниот суд постапувал во секоја сфера од живеењето на граѓаните, ги лоцирал и реагирал на неуставните и незаконските одредби, без оглед дали тие биле донесени од локалната или централната власт. Оваа 2024 година ќе остане забележан и по судскиот активизам, како пример ќе наведам дека по сопствена иницијатива се на Судот, донесени се 67 одлуки“, изјави Костадиновски.

За прв пат во последните пет години, како што рече, Судот се соочил со прилив на примени иницијативи. Годинава се примени 266 иницијативи, бројка која отскокнува од претходните години кога имало на пример 203 иницијативи лани, 137 во 2022 година, 148 во 2021 итн. Претседателот на Уставниот суд додаде дека радува о фактот што најголем дел од иницијативите или 158 се поднесени се од страна на граѓани, 12 се од здруженија на граѓани, 8 од државни органи, 4 предмети се оформени по иницијатива на политички партии, а 72 по сопствена иницијатива на Судот.

Во однос на соработката на Судот може да се констатира зацврстување на односите со меѓународните и домашните организации, за што говорат билатералните средби со претставници на меѓународните организации, со судиите-колеги од соседството, од уставните судови во Германија, Белгија, средби со претставници од Венецијанската комисија, билатерални посети и учества на судиите на меѓународни конференции.

До граѓаните порача да бидат спокојни, бидејќи Уставниот суд ќе продолжи бескомпромисно да го чува Уставот, граѓанските слободи и права.