Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека пожарите кои во изминатиот период избувнуваат низ државата, меѓу кои и вчерашниот во магацинот за електронски отпад во Трубарево, не се случајни, туку се организирани од „центри на моќ“ во земјава и надвор од неа.
Мицкоски верува дека вакви подметнувања и диверзии ќе има и во периодот што следи, затоа што постојат центри на моќ во државата, но и надвор од неа, кои не сакаат оваа Влада да успее, но рече дека ќе се борат против тоа.
„Ова што се случуваше летото и што сега се случува ќе продолжи, затоа што некој има интерес ова да продолжи“, рече премиерот.
За рециклаторниот центар на „Ф-Групација“ кажа дека има лиценца за управување со отпад издадена во 2021 година со важност до 2031, но дека условите под кои работат ваквите објекти треба да се преиспитаат.
„Ако мене ме прашувате, тоа не се услови под кои треба да работат. Сите хибридни напади ќе ги таргетираат овие слаби страни,“ рече премиерот.
Во пожарот што вчера попладне зафати рециклаторен центар на „Ф-Групација“ во Трубарево, каде што бил складиран електронски отпад, батерии и акумулатори, повредени беа четири лица – жителка на Трубарево која и понатаму е хоспитализирана на Клиниката за токсикологија со симптоми на вртоглавица и кашлица, еден полицаец, припадник на АРМ и директорот на ЦУК, Мухамед Али. Тројцата се пуштени на домашно лекување, а сите се надвор од животна опасност.
Текстот „Ова ќе продолжи“ – Според Мицкоски зад пожарите стојат центри на моќ од земјата и од надвор е превземен од МАКФАКС.