Господа,

Зошто се нарекувате Влада на Република Северна Македонија, кога по многу нешта вие не сте тоа и оваа земја ја управуваат локалните партиски битанги, кои одлучуваат за се што е наше. Односно, зошто се нарекувате Влада, кога многу нешта покажуваат дека вие немате власт ни самите над себеси, дека и со вас управуваат локалните бандити и моќниците што раководат со големите компании.

Потоа, зошто не залажувате дека Северна Република Македонија е правна држава, кога по многу нешта, таа е сопственост на партиските моќници, за кои не важи законот, но на кои им е допуштено да им судат и пресудат на своите потчинети? Односно, зошто не залажувате дека  сме организирана заедница, кога владее безредие, при што може да се случи да заминеш во затвор жив и здрав, но од таму да те изнесат мртов. Или пак, да те апсат затоа што си украл корка леб за да ги храниш своите деца, но да ти ги одврзат рацете ако имаш милиони евра за да ја купиш својата невиност и слобода.

Господа, зошто нас жителите на оваа земја лажно не нарекувате слободни граѓани, кога сме немоќна толпа да се заштити од големите компании, како на пример од ЕВН, која може преку извршител да ти ја наплати ненаплатената сметка, но против која си немоќен да сториш било што кога ти редовно плаќаш за светло, а таа те снабдува со мрак. Или кога се подбива со тебе со оправдувањето дека децении по ред го поправа истиот дефект, односно кога те доведува во состојба да го напуштиш својот дом заради тоа што имаш улично осветлување, но не и светло во куќата во која живееш!?

И на крај, зошто се залажувате и верувате дека ние не знаеме оти во оваа држава скоро се е лажно и нестварно, освен вашата алчност за власт и нашата немоќ да го вратиме  тоа што е наше, нашата немоќ да ги наполниме улиците за да ви обзнаниме  дека проблемот на Северна Република Македонија не е во тоа што неа не ја сакаат соседите и ЕУ, туку што се претвори во земја која не ја сакаат и нејзините граѓани, земја немоќна да го сочува најскапоценото што го има – младите, а кои секојдневно ги полнат автобусите и ги напуштаат родните огништа.

Господа, крајно време е да почнете нештата да ги именувате со вистинското име, оти во спротивно, Северна Република Македонија е на пат да стане земја која има кој да ја владее и да ја пљачка, но каде што ќе нема кој да раѓа деца и кој да ги погреба старците останати во неа.

Ким Мехмети