Тимот на ИФФК „Браќа Манаки“ упати отворено писмо до Агенција за филм на РСМ, Министерство за култура и туризам, Влада на РСМ, јавноста и медиумите.

„Поминаа повеќе од два месеци откако заврши јубилејното 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој се реализираше без ниту еден денар буџет од Агенцијата за филм, единствено на добра волја на сите учесници, соработници и партнери на Фестивалот.

Повеќе од два месеци раковотството на Фестивалот и неговите соработници се под огромен притисок. Опомените пред тужби поради неможноста да се исплатат долговите кон соработниците и ангажираните лица, за жал, станаа наше секојдневие.

Јубилејното 45. издание на Фестивалот со гордост можеме да кажеме беше едно од најуспешните изданија досега. Посетено од врвни имиња, лауреати, оскаровци. Кино салите и работилниците беа исполнети со публика, а придружната програма дополнително го надополни сјајот на Битола.

Но, за жал, како резултат на агонијата која ја трпиме овие неколку месеци поради неисплаќање на обврските од страна на Агенцијата за филм, не можеме ниту да се израдуваме на сопствените успеси.

Би сакале да истакнеме дека Фестивалот уредно ги има доставено сите претходни извештаи и било каква правна пречка за вакво самоволие апсолутно не постои.

До овој момент, Агенцијата за филм веќе цели пет месеци одбива да изврши исплата на Фестивалот.

Надворешните соработници, иако свесни дека Фестивалот нема никаква вина за неисплаќањето, единствено решение гледаат во опомени и тужби. Ние, ангажираните лица, се соочуваме со притисокот од елементарна егзистенција, бидејќи меѓу нас има и такви кои комплетно живеат од проектите на кои вредно и посветено работат, а се исплаќаат исклучиво од Агенцијата за филм.

Голем број од нас, филмски работници, не земаме плата на секој први во месецот, немаме здравствено и пензиско осигурување. Ние и нашите семејства живееме од овие сретства кои пет месеци без никакво писмено образложение и со многу празни ветувања сеуште не ни се исплаќаат.
По сознанието дека в.д.директорката е во оставка, а поради фактот дека времето до затворање на можноста на исплаќање е мошне кратко, кон вас како Министерство за култура и туризам, Владата на РСМ и Управниот одбор на Агенцијата за филм упатуваме молба итно да се пристапи кон исплаќање на сретствата планирани за финансирање на фестивали и манифестации за 2024 година“, се наведува во писмото.