Опозициските партии на Албанците не застанаа целосно зад активната блокада на Собранието промовирана од ВМРО-ДПМНЕ, зашто водат сметка за влијанието на таквиот потег кај гласачкото тело, проценува граѓанскиот активист, Бесим Небиу, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.
„Ова се однесува на фактот дека отвореното асоцирање со ВМРО-ДПМНЕ од двете опозициски партии Алијанса за Албанците и Беса ќе има цена кај гласачите. ВМРО-ДПМНЕ во два случаи од минатото ги освои изборите, во смисла на тоа ако правиме аритметика колку гласови имала ВМРО-ДПМНЕ, а колку СДСМ, но не успеа да направи влада, затоа што немаше капацитет за коалицирање, главно со албанските партии, можеби и со неколку други партии на центарот. Така што, отворената асоцијација со ВМРО и коалицирање во овие услови би се одразило лошо на изборните резултати на овие две партии“, смета Небиу.
Во однос на (не)интересот на ДУИ за брзи избори, Небиу вели дека владејачката партија на Албанците сака дел од ветувањата што ги дава во неколку циклуси наназад, конечно да ги реализира.
„Мислам дека ДУИ инвестирала политички капитал во оваа влада, уште од почетокот, таа е учесник со голем број ресори, министри и носи, да речеме, поголемо портфолио отколку што носела некогаш порано во политичката историја на Македонија. Нови избори, без да се постигнат некои од овие цели, затоа што факт е дека ДУИ ги повторува изборните програми, а мнозинството од нив не ги остварила, не би била опција и во оваа фаза верувам дека има потреба да покаже некој резултат“, одговори граѓанскиот активист на прашањето дали пред да се оди на избори, ДУИ ќе сака да се видат резултати од најавениот проект со „Бехтел/Енка“ за изградба на автопати.