Заложбите на Владата на Република Северна Македонија  за социјална правда, инклузивност и еднаков третман за сите граѓани продолжува. Работиме посветено на создавање на еднакви можности и еднаков пристап до ресурси на сите граѓани, порача  министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, која денеска присуствуваше на официјалниот почеток со работа на новата подрачна канцеларија на Центарот за социјални работи, Кавадарци, во Општина Росоман.

Таа појасни дека од денеска, жителите на Општина Росоман заедно со останатите населени места, добиваат можност на пристап до социјалните права во своето место на живеење.

– Тоа се 243 предмети каде корисници на социјални права и права од детската заштита се жители на Росоман. Овие граѓани повеќе нема да имаат потреба да патуваат до Кавадарци за остварување на правата од системот на социјална и детска заштита, додаде таа.

Министерката изрази благодарност до Општина Росоман и градоначалникот Стојан Николов за отстапувањето на просторот за канцеларија за социјални работи. Таа посочи дека ова е потврда за слухот на локалната заедница за потребите на своите жители.

– Грижата за сите граѓани беше поставена од почеток високо на агендата на оваа Влада и така и продолжуваме. Социјалната реформа беше креирана во тој дух, да обезбеди достоинствен живот за оние граѓани кои поради разни причини не се можност да обезбедат самостојно доволно средства за живот и оние на кои поддршката им е неопходна, истакна Тренчевска.

Министерката подвлече,  дека, придобивките од социјалната реформа се видливи.

–  Граѓаните – корисници на гарантирана минимална помош добиваат за 300 отсто зголемена помош од државата. Притоа, се зголеми и опфатот на корисници. Ако пред реформата за детски и за образовен додаток имаше по околу 3.000 корисници, денес тоа се околу 25.000 корисници за секое од овие права. Висината на правата се покачи неколку пати. Денес, правото на посебен додаток е за 30 проценти повисоко од минатата година, а правото на попреченост и право на помош и нега од трето лице само во 2023 година е повисоко за 14.2 отсто, нагласи Тренчевска.

Градоначалникот на Општина Росоман, Стојан Николов посочи дека граѓаните се на прво место и дека сите политики и мерки локалната заедница ги креира токму во согласност со нивните интереси и потреби.Тој сподели позитивна вест со јавноста, а тоа е дека првиот услужен граѓанин во новата канцларија е жител на Росоман, кој аплицираше за надоместок за новороденче.

Канцеларијата во Росоман ќе прима странки два пати во неделата, а доколку потребите на граѓаните се зголемат, ќе бидат овозможени и повеќе термини.