Во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп синоќа беше отворена изложбата „Креации од ноќта – уметност инспирирана од соништата“. Со свои дела се претставија 15 уметници, членови на Друштвото на ликовните уметници од Прилеп.
Своите дела ги изложија уметниците Анита Сотироска, Бојана А. Трпческа, Ферди Булут, Александар Џинго, Методија Исков, Лепа Милошевска, Маја Р.Миладиновски, Дарко Талески, Елена Димоска, Верче Николоска, Александра Богоеска, Викторија Димеска, Филип Јовески, Марта Макеска и Емил Солески.
Делата се создадени во различни техники, а според историчарот на уметност Викторија Димеска, која ја отвори изложбата, голем предизвик за уметникот е инспирацијата што доаѓа од сонот за создавање уметнички дела.
-Сонот служи за одгатнување на психичката активност на потсвеста и начинот на кој влијае на однесувањето на поединецот во секојдневието. Особен предизвик и инспирација за група современи уметници, односно членови на ДЛУП Прилеп, е, токму сонот. Имајќи ги предвид нивните основни концепти и принципи, уметниците – учесници создадоа дела од сопствениот уметнички афинитет и со помош на разни техники и материјали, рече Димеска.
Изложбата ќе биде отворена до 15 септември.