Во рамки на проектот „WECAN“, што се спроведува од страна на Центар за управување со знаење, заедно со пет партнери од други европска земји, во месец мај и јуни 2021 предвидена е обука наменета за секоја возрасна жена која е подготвена да создаде вредност, да започне нов бизнис или да ги зголеми нејзините шанси и да ги надгради своите опции за кариера преку клучните претприемачки вештини.
Обуката е дел од националната пилот програма на проектот и истата ќе биде без надомест. Предвидено е истата да се спроведе од 17-ти мај до 10-ти јуни и ќе се одвива на онлајн платформата ZOOM.
– Имајќи го тоа на ум, доколку вие сте жена која сака да биде дел од едно поинакво спознавање и надградување на сопствените претприемачки вештини или доколку познавате некоја која може да биде заинтересирана, може да се пријавите така што ќе го доставите вашето CV и краток опис на вашиот сегашен бизнис или претприемачката идеја која сакате да ја спроведете, на следната е-маил адреса andrijanabd@knowledge-center.
Главна цел на овој проект е да ги поттикне позитивните перцепции на жените за нивните вештини преку процес на обука така што ќе научат што всушност е потребно за да се биде претприемач.
Како дел од активностите на проектот беше организирана обука која се состоеше од пет „WECAN“ сесии на кои жените претприемачи учествуваа со цел да го поттикнат својот професионален раст во нивниот деловен живот.
– Преку WECAN обуката, која траеше од 7-ми до 20-ти април, обучуваните жени беа во можност целосно да ги подобрат своите компетенции за да научат како да го одржуваат континуитетот на својот бизнис, поумешно да управуваат со ризиците, да знаат како да комуницираат и преговараат, да пишуваат деловни планови, подобро да се запознаат со дигитален маркетинг и да ги стекнат потребните лидерски вештини. Сесиите за обука на овој проект вклучија различни интерактивни предизвици како поткрепа за излез од комфор зоната соочувајќи ги со активности за кршење на мразот и приспособувајќи ги на социјализација од поинаков аспект преку новиот онлајн свет, додадоа од Центарот.
Дел од реализацијата на оваа прилагодена тренерска програма вклучува искуства преку учење како што се работилници, семинари, деловни разговори и групни дискусии, креативно размислување, но исто така и забавни и интерактивни игри, а покрај сите нив постои и платформа за учење преку Интернет (достапно на веб-страницата од WECAN).
– По евалуацијата на сите дневни активности и воопшто на целата програма, сите партиципанти добија сертификат за присуство, стекнаа незаборавно искуство и се поврзаа со нови луѓе одржувајќи контакт на интернационални релации. Знаењето со кое учесниците се збогатија преку оваа обука највеќе се должи на неконвенционалниот пристап на учење и растење како резултат на креативноста и потребата од споделување и заедничко креирање која се одвиваше на мултикултурно и меѓународно ниво, наведоа од Центарот.