Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска присуствуваше на официјалното отворање на новиот Центар за поддршка на згрижувачки семејства на СОС Детско село, кој е трет во државата. Заедно со Центарот за поддршка на згрижувачки семејства во Детскиот дом „11 Октомври„ Скопје и во Домот за доенчиња и мали деца во Битола ја обезбедуваат поддршката на згрижувачките семејства на цела територија на нашата држава.
Министерката Тренчевска истакна дека креирањето на политики и преземањето на конкретни чекори во унапредувањето на детската заштита за Владата и министерството се од особено значење. Таа ја потенцираше семејната средина како особено важна за правилен раст и развој на секое дете. Но и дека поради разни причини, некои деца ја немаат таа можност. Во таа насока, посочи дека Министерството за труд и социјална политика, преку законски решенија, стратегии, програми и активности работи на создавање на услови за секое дете, да расте и се развива во средина блиска на семејната.
„Во последниве неколку години во Република Северна Македонија интензивно се работи на развивање на формата сместување во згрижувачко семејство како вонинституционална форма на заштита која се применува долг период на нашите простори. Министерството за труд и социјална политика спроведувајќи го процесот на деинституционализација презеде низа активности за развој на оваа форма на заштита преку донесување на законски и подзаконски акти, упатства и програми за работа, како и обуки на стручните работници во насока на зголемување на бројот и квалитетот на згрижувачките семејства, “рече Тренчевска.
Таа истакна дека согласно реформата на системот за социјална заштита во делот на поддршка на згрижувачките семејства како нова форма за прв пат е предвиден Центар за поддршка на згрижувачки семејства кој треба да врши промоција на услугата згрижување во семејство,подготовка, проценка и обука на идни згрижувачки како и да ги следи и дава поддршка на постојните згрижувачки семејства.
„СОС Детско село е наш долгогодишен партнер во гржата за децата без родители и родителска грижа. И сосема природно е да се вклучи во овој процес преку воспоставување на Центар за поддршка на згрижувачки семејства во рамките на установата. За оваа услуга Министерството за труд и социјална политика склучивме договор за финансиска поддршка на околу 60 згрижувачки семејства согласно цената утврдена во Одлуката за утврдување на цените на социјалните услуги за 2022 година,“ рече Тренчевска.
Центарот за поддршка на згрижувачки семејства на ПУ СОС Детско село е надлежен за поддршка и развој на згрижувачките семејства во Скопскиот, Вардарскиот и Југоисточен плански регион. Во моментот во државата има 327 згрижувачки семејства во кои се сместени вкупно 559 корисници.
„Благодарение на 20 годишното искуство и стручна работа СОС Детско Село се стекна со лиценца за отворање на ваков тип на Центар за поддршка на Згрижувачи и станува еден од 3 те вакви Центри во нашата држава. Преку Центарот за поддршка на Згрижувачки семејства се засилува фокусот кон унапредување, развојот и промовирање на згрижувањето, со цел да се овозможи семејна средина и грижа за децата на кои им е потребна ваков тип на грижа. Унапредувањето на стандардите во згрижувањето ќе придонесе да се зајакне квалитетот на грижата на децата но воедно и знаењето и капацитетите на згрижувачите и професионалците во оваа област,“ изјави Јулијана Гапо, националната директорка на СОС Детско село.
По повод отворањето на Центарот се најавува и кампања за подигнување на свеста и информирање за значењето и бенефитите на програмата за згрижување на деца во рамки на која ќе се одржат настани од јавен карактер во 25 општини. Целта на оваа кампања е зголемување на бројот на потенцијални згрижувачки семејства кои соодветно ќе одговорат на потребата од згрижување на деца, како и достапни социлани услуги во заедницата за поддршка на децата и семејствата во ризик.