Распространет на 160.000 метри квадратни со пет нивоа и повеќе од 200 продавници, овој трговски центар го носи епитетот на вистинска шопинг престолнина. Модерниот архитектонски концепт со пространи коридори и оази за релаксација го прави „Ист Гејт“ посебен и уникатен, налик центрите од европските метрополи.

„За да го истражите секое ќоше на овој објект, потребни ви се 18 часа. Ќе најдете 500 брендови во 220 продавници, а 40 од нив се прв пат на пазарот.“-Сотириос Јанакудакис, менаџер на Ист Гејт Мол.

„Од денес го маркираме како ново срце на Скопје кое што нуди оригинален микс на концепти за забава за сите генерации. Истиот вклучува угостителски сегмент со урбани и несекојдневни места за излегување.“-Игор Давков, извршен директор на Скопје Ист Гејт.

Богата понуда за шопинг и забава за сите од 7 до 77 години – продавници на добро познати брендови но и нови брендови од високата мода, накит, широк асортиман на бела техника, гифт-шопови, ентериер и дизајн, козметика, банки, кино сали, книжари и кафетерии.

Новиот шопинг центар е инвестиција на Балфин Групацијата и „тежи“ 103 милиони евра. Проценките се дека годишно центарот ќе има неверојатни 12 милиони посети.