Министерството за јавна администрација денес свечено го отвори целосно реновираниот Центар за обуки на административните службеници, лоциран во Општина Аеродром – Скопје.

Центарот е опремен со нов, модерен канцелариски мебел и најсовремена техничка опрема за спроведување на едукативни активности, со што се создаваат квалитетни и професионални услови за развој и усовршување на јавната администрација.

На свеченоста се обрати Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој во своето обраќање ја нагласи важноста на вложувањето во човечкиот капитал како двигател на реформите.

„Обуката не е обврска, туку инвестиција во луѓето што се темел на институциите“, рече министерот, истакнувајќи дека новиот Центар е повеќе од простор – тој е ресурс за градење на ефикасна, мотивирана и граѓански ориентирана администрација.

„Сакаме службеници кои не само што имаат знаење, туку имаат и мотивација да го применат тоа знаење во служба на општеството“, рече министерот.

Оваа заложба, како што потенцираше, е дел од суштинската трансформација што ја спроведува Министерството, а не само козметичка промена.

Тој информира дека вентарот претставува клучен сегмент од стратешките напори на Министерството за јавна администрација за целосно реформирање на системот за обуки на административните службеници.

Во следниот период, Министерството најави реконструкција и на останатите Центри за обука низ државата, со цел воспоставување на национален систем за стручно усовршување, достапен за сите административни службеници низ целата територија/ Макфакс