Во Софија треба да се изгради музеј на спасувањето на бугарските Евреи. Ова го изјави потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова за време на нејзината вчерашна посета на 134 СОУ Димчо Дебелјанов во Софија, во склоп на одбележувањето на 80-та годишнина од спасувањето на бугарските Евреи, пренесува Трибуна.

Таа посочи дека музеите не се фокусирани само на минатото, туку пред се на иднината и на тоа како се воспитуваат следните генерации, кои мора да се сеќаваат, но и да знаат, дека најважните вредности во животот на човекот се љубовта кон ближниот, толеранцијата и разбирањето.

Според неа, денес ги знаеме имињата на криминалците и мора да ги знаеме нивните дела за никогаш повеќе да не се дозволи да се повторат. Но, денес ги знаеме имињата на праведниците, на институциите и на сите оние кои пред 80 години кажаа – „не, бугарските Евреи нема да бидат депортирани“, рече Јотова.

„Има многу имиња на личности кои ги спасиле Евреите во Европа, но Бугарија е единствената земја во која Народното собрание, царската власт, бугарскиот народ, а особено Бугарската православна црква, застанаа заедно за да го спречат ова грозоморно злосторство. “, рече потпретседателката.

Јотова посочи дека секоја година треба да се сеќаваме на праведните Бугари, кои се воделе не според прописите и од некои правила што некој некаде со злобна мисла ги измислил, а од најважните закони- човечките.