Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова во изјава за Бугарската национална телевизија вели дека во Бугарија има цврста и консензуална позиција во однос на Македонија, но дека нејзината земјата ја испуштила шансата и изгубила многу време убедувајќи ги европските партнери за својата позиција кон Скопје и притоа не успеала да ги придобие.
Според Јотова, која е членка на опозициската Бугарска социјалистичка партија (БСП), кога настанал целиот случај со Македонија, немало ниту една земја членка на ЕУ што го поддржа бугарскиот став, што е жално.
„Имаме цврста и консензуална позиција со европските институции во врска со Република Северна Македонија. Имаме заедничка рамковна позиција со Владата. Сепак, има пропуст што речиси една година изгубивме да им ја објасниме позицијата на нашите европски партнери и да ги придобиеме на наша страна“, изјави Јотова за Бугарската национална телевизија
Исто така, таа истакна дека Софија нема да отстапи од барањата и дека постојат само две опции за Бугарија да даде зелено светло за преговарачката рамка за Северна Македонија во ЕУ со кои треба да се вметнат бугарските барања за почитување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете земји.
„Или ќе инсистираме во преговарачката рамка за Република Северна Македонија да има последно 35-то поглавје и за време на процесот на преговори да следиме дали се почитува Договорот за добрососедство или во неа да се вметнат барањата на Бугарија за почитување на Договорот“, рече Јотова.